ТОНСКОТО СНИМАЊЕ НА РОЧИШТАТА Е ЗАКОНСКА ОБВРСКА И МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА

Во Законот за кривичната постапка и во Законот за парничната постапка е предвидена обврска текот на расправата во судовите да се снима тонски или визуелно-тонски.

Во граѓанската материја обврската за тонско снимање на рочиштата  е предвидена во член 119-а од Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка од 24 јули 2010 година. Законот отпочна да се применува од 1-ви јули 2011 година, односно една година подоцна за да се создадат услови за успешна примена на законот.

Со цел за спроведување на ова обврска и создавање на услови за тонско снимање на рочиштата во судовите по граѓанските предмети, како тогашен Министер за правда презедов мерки за опремување на судници со потребна опрема за тонско снимање на рочиштата. Во април 2011 година, пред да одпочне примената на Законот со кој е воведено тонското снимање на рочиштата, во Основни судови и во Апелационите судови во Република Македонија целосно се опремени 70 судници.  Судниците се опремени со нова аудио опрема составена од 5 (пет) микрофони за сите присутни за време на судењето, миксета и аудио картичка низ која се снима самиот процес на судењето на 4 (четири) посебни канали. Овој систем овозможува целото судење да се сними во еден електронски запис (снимање на DVD или CD) а исторемено и се печати соодветен архивски документ потпишан со електронски потпис на судијата.

На 18.04.2011 година е извршена промоција на системот и симулација на судење со тонско снимање на рошиште, што се покажа како доста успешна. Од фотографиите може да се види како  изгледаа опремените судници кога се промовираше проектот.

Тонско снимање на расправа во кривичната постапка е задолжително

Тонско снимање на расправа во кривичната постапка е предвидено во Законот за кривичната постапка донесен на 17.11.2010 година. Во членот  374 став 1 од Законот  се наведува дека: “Текот на главната расправа се снима тонски или визуелно-тонски”. Законот за кривичната постапка имаше одложена примена од 2 години и започна да се применува од 2013 година. Одложената примена на Законот беше неопходна да се создадат услови за примена на законот и да се изврши поребна едукација на судиите и други учесници во постапката.

Тоа што во кривичните судници во судовите во Република Македонија не е инсталирана опрема за тонско или визуелно тонско снимање на расправата во кривичната попстапка неможе да биде на штета на обвинетите. Расправата во кривичната постапка неможе да се одржи без да се обезбеди тонско снимање и спротивно на барањето на обвинетиот записникот за расправата да се води тонски. Тоа што нема услови во судниците за тонско снимање  неможе да биде на штета на обвинетиот и неговата одбрана.

Законско право на обвинетите е да бараат расправата да се снима тонски

После завршувањето на  мојот мандат во  Министерството на правда на крајот на јули 2011 година, беа избрани неколку министри за правда. Ако тие опремеа барем по неколку кривични судници со опрема за тонско снимање, секако дека немаше состојбата да биде таква каква што е денес, а не се опреми ниту една кривична судница.

Не е скандал обвинетите лица да бараат расправата да се снима тонски, тоа е нивно законско право и тоа право судот неможе да им го ускрати. Скандал е, и тоа многу голем, негрижата за спроведување на законите и создавањето на услови за нивно успешно спроведување.  Пропустите и негрижата на државните органи неможат да бидат на штета на граѓаните.

Тонското снимање на рочиштата е гаранција за законито спроведување на постапката согласно утврдените правила. Дали тоа не е едена од причините да не се спроведува  Законот и да не се создаваат услови за тоа ?