Хроника

Разбиена група што препродавала дрога во средно училиште во Скопје

Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во координирана соработка со Секторот за криминалистички истраги – единица за недозволена трговија со дрога при Министерството за внатрешни работи, разби уште една група што во изминатиот период се занимавала со препродажба на наркотици.

 

– Постапувајќи по поднесената кривична пријава против две лица, надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе предлог за определување на мерка притвор за осомничените. На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.3 од Кривичниот законик, соопшти ЈОРМ.

Основите на сомнение, како што велат оттаму, произлегуваат од претходно прибавени докази дека осомничените во септември 2016 година неовластено, а заради продажба купиле и продале наркотична дрога – марихуана со тежина од 805 грама во близина на средното училиште „Никола Карев“ во населбата Карпош во Скопје.

Едното од лицата, вчера во раните утрински часови е запрено на граничниот премин Деве Баир при обид за излез од Република Македонија и е задржано и лишено од слобода.