Освежено 16:14:25
Четврток, 23 Март 2017

Вкупно 76 семејства од социјално ранливите категории од Прилеп ќе го решат станбеното прашање со пуштањето во употреба на новиот објект, инвестиција вредна 1,7 милиони евра, средства на Владата што денеска го пушти во употреба премиерот Никола Груевски.

gruevski-prilep-stanovi

Тој истакна дека станува збор за зграда изградена во рамки на владиниот проект за лица во социјален ризик и други ранливи категории граѓани.

- Токму во рамките на овој проект е и оваа зграда која денеска ја пуштаме и која ќе им помогне на 76 семејства од Прилеп да го остварат својот сон да имаат свој дом и да бидат свои на своето. Покрај оваа зграда, досега во рамките на овој капитален проект изградивме згради во Скопје, Македонска Каменица, Охрид, Кочани, Кавадарци, Штип..., рече Груевски.

Тој истакна дека покрај грижата за социјалната категорија граѓани еден од најголемите приоритети на кои работи Владата е привлекување нови инвестиции и отворање нови работни места за граѓаните, а на тоа поле, додаде, постигнат е значаен напредок за Прилеп и околината.

- Преку активните мерки на Владата и Агенцијата за вработување од 2007 година до денес се вработени над 3.400 лица од Прилеп и регионот. Што се однесува до новите инвеститори, повеќе од 500 лица од Прилеп се вработија во новата фабрика на Дрекселмаер во Кавадарци. Ваков тип голема инвестиција и голем работодавец кој ќе отвори нови 2.000 работни места ќе биде и новата фабрика на Гентерм во Прилеп, чија изградба е во тек и каде веќе се вработени преку 350 лица. Нови 150 работни места се очекува да отвори и германската компанија Акомпласт. Во исто време во локалната индустриска зона Прилеп 1 веќе се градат и неколку нови фабрики кои ќе отворат нови работни места, рече премиерот Груевски.

zgrada-prilep1

Освен отворање нови фабрики, тој додаде дека фокусот е ставен и на инвестициите во железницата, изградба на патишта, при што, нагласи, по 70 години првпат е реновирана железничката станица во Прилеп, а во делот на патиштата изградени се и реконструирани над 150 километри улици, локални, регионални и магистрални патишта. Како еден од најбитните проекти за овој регион следната година го најави отпочнувањето со градба и на експресниот пат Градско – Прилеп.

Тој се осврна и на досега изградените голем број спортски објекти и инвестиции во училиштата, во здравството при што го најави комплетното реновирање на болницата во Прилеп за што тендерот е отворен.

Во делот на културата ги спомна, меѓу другото, бројните завршени проекти за санација и реконструкција на Центарот за култура „Марко Цепенков“, на Меморијалниот музеј „11 Октомври“, Саат кулата, реконструкцијата на повеќе црковни објекти во рамки на кои истакна дека во тек е тендерската постапка за избор на фирма која ќе изврши санација, реконструкција и реставрација на конаците на манастирот Трескавец.

zgrada-prilep2

- Има уште многу што да се каже, но не би сакал повеќе да должам. Пред извесен период нашите политички опоненти не прозваа дека сме го заборавиле Прилеп. Камо среќа тие кога имаа можност да го заборавеа на ваков начин и со толку многу проекти, рече Груевски и најави дека и во иднина Прилеп ќе има голема поддршка од Владата за голем број проекти.

Пред присутните се обрати и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски кој информира дека јавниот повик за аплицирање за оваа зграда во Прилеп е веќе завршен и се очекува идната недела да се спроведе прелиминарна јавна распределба на лицата кои ги исполнуваат критериумите пропишани во повикот.

- Сакам да потенцирам дека социјалните станови ќе се распределат во строго транспарентна постапка преку електронска распределба согласно методологијата за бодирање на кандидати за добивање социјален стан под закуп. Значи, не постои простор за манипулација со апликациите и лицата што ги исполнуваат сите критериуми и имаат најголем број бодови ќе добијат стан. Предност ќе имаат децата без родители и родителска грижа, потенцира Мисајловски.

zgrada-prilep3

Според директорот на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор Цветко Грозданов, во тек на градба се уште два објекта за социјално ранливи категории во Македонски Брод и во Кочани, а наскоро кон крајот на годината ќе почне со градба и објект во Гостивар.

Тој истакна дека вкупно досега се изградени 678 станови за социјално ранливи категории граѓани во 13 општини.

Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека денешната зграда што се пушта во употреба е само еден од стотината проекти што се реализирани во општината, а цел е економски просперитетен и развиен Прилеп.

Инаку, пуштањето во употреба на објектот со 76 социјални станови е дел од агендата на премиерот Никола Груевски во рамки на денешната посета на општина Прилеп. Предвидено е да присуствува и на одбележување на градбата на фабриката на компанијата Гентерм во Технолошко индустриската развојна зона. Ќе посети и стадион на кој е поставена вештачка трева во Типската населба, ќе присуствува на отворање нова спортска сала во СОУ „Кузман Јосифовски Питу“ и на ново монтажно училиште ОУ „Круме Волнароски“, а ќе има средба и со жителите на село Беровци.

Премиерот Груевски ќе го посети и реконструираниот источен конак на манастирскиот комплекс „Св. Архангел Михаил“.  

Спонзорирани линкови

  • 24 часа