Вести

Христијан Мицкоски единствен кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, втората кандидатура неуредна

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е единствен кандидат за нов претседател на партијата за кој делегатите ќе одлучуваат на Конгресот кој утре и задутре ќе се одржи во Валандово, дознава Курир од партиски извори.

Според извори на Курир, правната комисија на партијата завршила со разгледување и верификација на кандидатурите за претседател на ВМРО ДПМНЕ и утврдила дека само една од двете пристигнати кандидатури е валидна.

Заклучокот на правната комисија се очекува вечерва да биде презентиран пред Централниот комитет на партијата во рамки на подготовките за вонредниот конгрес во Валандово.

Како што дознаваме, потврдена е кандидатурата на актуелниот генерален секретар Христијан Мицкоски. За втората кандидатура, комисијата утврдила дека е неуредна, односно дека не се исполнети пропишаните услови.

Извори од партијата за Курир потврдија дека кандидатот воопшто не доставил листа со потписи од 30 делегати. Неофицијално се работи за Блаже Митрев од Скопје.

Мицкоски по поднесувањето на кандидатурата денес на својот ФБ профил напиша дека со чиста мисла, со голема верба, и со отворено срце ја прифаќа одговорноста да поднесе кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе се избере на 16тиот конгрес во Валандово.

-„Никогаш, никогаш нема да се откажеме”, велеше Черчил. И така е. Во минатиот период Република Македонија поминува низ сериозна бура, пропратена со сериозни предизвици, на економски, политички, општествен план. Македонија е зафатена од перманентна политичка криза, чиј крај не се надзира, економија која е на стаклени нозе, мало стопанство кое е во фаза на клиничка смрт, здравство за кое во јавноста се зборува само кога се бележат уништени човечки животи, млади кои немаат надеж, култура во која поделбите и рушењето стануваат главен императив, на сметка на дадените ветувања кои не се исполнуваат. Погледнете, во општеството не се говори за реалните проблеми, за економијата, за концепти кои ќе ја однесат државата напред, но затоа власта се пресметува со опозицијата, политичкиот реваншизам станува алфа и омега на политичкото делување. А граѓаните бараат излез. Главното прашање кое пристигнува овие денови до мене е што сега? Во изминатиот период голем дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ, членови на партиската структура, членови на општинските и месните комитети, но и огромен број на обични граѓани ми изразија поддршка и охрабрување да превземам чекор. И јас, со чиста мисла, со голема верба, и со отворено срце ќе ја прифатам одговорноста да поднесам кандидатура за претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се избере на 16тиот конгрес во Валандово. Ова за мене лично е една од најсериозните одлуки во животот, целосно разбирајќи ја тежината, честа, но и одговорноста да се води партијата која е вградена во кодот на македонецот и македонската држава и која ќе остане еден од главните темели на нашата татковина, напиша Мицкоски.

Тој додаде дека никогаш во животот не бегал од предизвици, а овој, можеби е неговиот најголем, и тој тоа го прифаќа.

-Како човек можев да одберам да останам професор на мојот факултет, или пак да продолжам да работам и творам во научната област каде имам долгогодишен минат труд, но како граѓанин на оваа земја не можам да останам рамнодушен на болното секојдневие на македонскиот граѓанин, на неговите реални потреби. Човек не е среќен кога секојдневието е исполнето со несигурност и нестабилност, кога земјата која толку многу ја сакаш оди во погрешна насока. Кога пријателите, соседите, обичните граѓани ги живеат заедничките проблеми. И затоа време е за одлуки, јас цврсто верувам дека ВМРО-ДПМНЕ е вистинскиот избор кој ги има одговорите кои Македонија ќе ја направат попресперитетна, напредна, угледна, достојно место за живот кое ќе понуди сигурност и посветла иднина за секого. А ВМРО-ДПМНЕ како и за многу мои сопартијци е нашата младост, нашиот дом, а нејзините идеи, наши водилки. Мојата кандидатура е широко понудена рака за секој еден кој сака да биде дел од тимот кој ќе ја создава визијата и ќе го реализира сонот за победничка и економски напредна Македонија. Јас имам план. За нова надеж за нашата татковина, силна и достоинствена, напиша Мицкоски на Фејсбук.