Вести

Истекува рокот за аплицирање за признанието „Најдобар млад научник“ за 2017 година

Уште десет денови трае можноста за аплицирање на Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2017 година, признание што го доделува претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

Јавниот повик за избор на „Најдобар млад научник“ за 2017 година е отворен до 31 декември за сите млади луѓе до 30 години, кои во досегашната научна работа имаат постигнато значајни научни резултати. Заинтересираните своите документите треба да ги достават до Кабинетот на Претседателот на Република Македонија.

Услов за конкурирање на заинтересираните е да имаат добиено награда или признание за научно-истражувачка работа, резултатите од научно-истражувачката работа да се објавени и применетост на резултатите од научното истражување за тековната 2017 година.

Доделувањето на признанието „Најдобар млад научник“, по иницијатива на претседателот Иванов, има за цел  да го поттикне развојот и да ги стимулира вложувањата во науката, да ги поддржи научните установи и младиот научен кадар, но и да ги награди врвните научни достигнувања.

Апликацијата за учество на јавниот повик треба да содржи биографија, реализирани проекти во 2017 година со кои се конкурира (во еден печатен и еден електронски примерок – CD) и доказ за државјанство на Република Македонија.