Вести

Иванов оствари средба со потпретседателот на турската влада, Чавушоглу

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го прими потпретседателот на Владата на Република Турција, Хакан Чавушоглу.

Од Кабинетот на Иванов информираат дека двајцата соговорници изразиле задоволство од политичките односи меѓу двете земји, кои ги карактеризира традиционално пријателство и партнерство и исклучителна динамика на активности во сферите од заеднички интерес.

-На средбата беа разменети мислења и информации за внатрешните политички прашања на двете земји, за состојбите во регионот, како и за прашањата од надворешно политички интерес за Република Македонија и Република Турција. Во однос на стратешките цели и приоритети, претседателот Иванов истакна дека Република Македонија ја цени долгогодишната и приципиелна поддршка од Република Турција за интеграцијата на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, и укажа дека деблокадата на интегративните процеси ќе се одрази на стабилноста и просперитетот на целиот регион, се вели во соопштението.

Потпретседателот на турската Влада, Чавушоглу истакнал дека Република Турција и понатаму ќе биде доследна на поддршката на европските и евроатлантските интеграции на Република Македонија.

-Во контекст на пошироките предизвици со кои се соочува регионот и Европа, македонскиот претседател и потпретстедателот Чавушоглу се согласија за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и Република Турција. Во таа насока, претседателот Иванов посочи на потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓање на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам. Двајцата соговорници ја поздравија економската соработка, со очекување за нејзино натамошно интензивирање. Претседателот Иванов изрази благодарност до турските институции, пред се до ТИКА, за голем број реализирани проекти во Македонија од хуманитарен карактер и за нивната континуирана поддршка преку донации, се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.

На средбата биле разменети и мислења околу можностите за продлабочување на соработката во сферата на туризмот и образованието, при што било поздравено финализирањето на правните процедури за целосно спроведување на Спогодбата за активностите на културните центри во двете земји.