Вести

Кој е Христијан Мицкоски?

Актуелниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и единствен кандидат за нов претседател на партијата, Христијан Мицкоски е технократ и одличен менаџер, со познавања од областа на енергетиката, финансиите и економските прашања.

Роден е во Скопје во 1977 годинина, семеен човек, татко на две малолетни деца.

Работи како професор на Машинскиот факултет, а јавноста особено го запозна како еден од најуспешните менаџери на државната компанија ЕЛЕМ каде за една година постигна успешни резултати и обезбеди финансиска консолидација, остварувајќи заштеди од 25 милиони евра.

Неговото досегашно богато работно искуство е надополнето со преку 100 научни трудови, а добитник е и на повеќе меѓународни награди и признанија за иновации. Партиципирал во изработка на редица меѓународни развојни проекти од областа на енергетиката и мехатрониката.

Мицкоски од 2015 година до крајот на мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ беше Советник за енергетика на претседателот на Владата, а во 2011 година Мицкоски бил и визитинг професор на Техничкиот универзитет во Виена.

Во април годинава беше избран за претседател на Кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, а член на Комисијата е од јули минатата година, беше дел и од Републичкиот изборен штаб на изборите во 2011. година, а претходно и од Регионалниот изборен штаб на Изборната единица 4, на изборите во 2008, 2014 и 2016 година.

Мицкоски беше и ко-претседател на Комисијата за енергетика во периодот од 2010 до 2012 година.

Дознаваме дека Мицкоски својот фокус ќе го стави на економијата, отворањето на нови работни места, креирање на подобра бизнис клима и обезбедување на сигурност на граѓаните и отворена критика на владата за сите погрешни политики.

За приоритети во надворешната политика ќе ги смета градењето на мостови за соработка и пријателство со други држави, меѓународна соработка со семејството на десничарски партии нудејќи нова визија за политиката во Македонија базирана на принципиелност и разумност.