Вести

Пет кривични пријави за пет лица поднела Царинската управа

Пет кривични пријави против пет лицабиле поднесени од страна на Царинската управа во минатиот месец. Три од нив се однесувале на неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, две за фалсификување исправа.

-До Основното Јавно Обвинителство Велес е поднесена кривична пријава против Е.К.Б. државјанин на Бугарија, кој на 11.04.2017 со товарно моторно возило со бугарски регистарски таблички се пријавил за излез од Република Македонија на граничниот премин Богородица. При извршена детална контрола на возилото биле пронајдени по 5 пакувања со непозната материја од растително потекло и вкупно 305 пакувања наполнети со марихуана со тежина од 14,6 килограми. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во Основниот Суд Велес кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти Царинската управа.

Оттаму велат дека до истото обвинителство поднесена е кривична пријава против С.Д. српски државјанин кој на 15.04.2017 година со патничко моторно возило со српски регистарски ознаки се пријавил на влез во Македонија на царинска испостава Богородица. По извршениот детален преглед на возилото биле пронајдени вкупно 14 пакетчиња наполнети со хероин со вкупна тежина од 6,9 килограми. Осомничениот е предаден на судија на претходна постапка во ОС Велес кој му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

-До ОЈО Скопје поднесена е кривична пријава против М.Г. македонски државјанин кој на 26.12.2016 година на царинска испостава Аеродром Скопје –подигнал пратка испратена од правно лице од Велика Британија во која се наоѓале две пакувања со вкупно 6 парчиња семки од растението канабис. На ваков начин пријавениот неовластено набавил семенски материјал за кој знаел дека е наменет за производство на наркотична дрога марихуана, се вели во соопштението од Царинската управа.

Освен за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични средства, Царинската управа поднела кривични пријави и за фалсификување исправи.

-До ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава против лицето Ф.С. од Скопје, поради постоење на основано сомнение дека употребил лажна исправа како вистинска. На 01.11.2016 во царинската испостава Скопје 1 пријавениот увозно оцаринил употребувано моторно возило. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Швајцарија со барање за верификација на доказот за потекло, од каде доставен е одговор според кој доказот за потекло не е веродостоен. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки, соопшти управата.

Оттаму велат и дека до ОЈО Струмица е поднесена кривична пријава против правно лице од Струмица и одговорно лице З.С. од Струмица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело фалсификување исправа, односно лажна исправа употребиле како вистинска. На 16.03.2016 во царинската испостава Струмица со една увозна царинска декларација, за потребите на правното лице, пријавените увозно оцариниле ткаенина. Во моментот на увозно царинење кон царинската декларација била приложени две фактури издадени од продавач од Република Грција. Во наведените фактури биле изготвени изјави за потекло, потпишани од извозникот, како доказ за преференцијално потекло на стоката од Европската унија, со цел на пријавеното правно лице да му биде одобрено увозно царинење со царинска стапка слободно. Поради сомневање во поглед на веродостојноста на доказот за потекло, Царинската управа на Република Македонија се обрати до Царинската администрација на Република Грција со барање за верификација на доказите за потекло. Од страна на царинската администрација на Република Грција, доставен е одговор според кој фактурите при извозно царинење во Грција не содржат изјави за потекло од извозникот со кој се изјавува преференцијално потекло на стоката опфатена во фактурите. Царинската управа изврши дополнителна пресметка за евидентирање на царинскиот долг и го задолжи увозникот да ги доплати избегнатите давачки.