Општини

Во интерес на граѓаните и развојниот напредок на Штип, советниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за општинскиот буџет

Не поминаа ни 100 дена откако СДС ја доби власта на локално ниво и наместо да води политика со која ќе се унапреди животот на граѓаните во сите општини, веднаш почна со заплашувања, апсења и притвор на членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, вели Иван Јорданов, координатор на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Штип.

Јорданов вели дека лицата кои се притворени, како резултат на настаните од 27ми април се недолжи жртви на новововедениот систем и како Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Штип ги поддржуваат преку бојкотирање на седниците.

-Граѓаните на нашата општина единаесет години се сведоци на конструктивноста и работата на нашата партија на локално ниво, па затоа, во истиот дух сакаме да продолжиме и во време кога сме опозиција. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, водејќи се од визијата и желбата за напредок, просперитет и развој на нашиот град и покрај почнатиот бојкот на седниците на Советот, ќе присуствува на седницата на Советот на Општина Штип на која ќе се одлучува за Годишниот буџет, а својот револт, незадоволство и поддршка за притворените, кои се сомничат за настаните од 27 април, ќе ги изрази на поинаков начин, истакнува тој.

Јорданов посочува дека на овој начин сакаат да и покажат на јавноста, на граѓаните на Општина Штип, дека работат за општо добро, за добро на граѓаните на општина.

Координарот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека ќе продолжат со ставот за поддршка на проекти за развој на општината, а тоа ќе го докажат со гласање на Буџетот на Општина Штип за 2018 година.