Скопје

Советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје ја напуштија седницата: Го креваме својот глас против теророт и неправдата, притворот на интелектуалци и уметници кои се жртви на политичка одмазда

Во ова време се испишува најцрната страница во историјата на македонскиот народ и на македонската држава. Ова е време во кое се врши терор и насилие врз граѓаните и врз институциите, заплашување, закани, притисоци и уцени од големи размери, бркање од работа и повреда на елементарните човекови права, истакна денес советникот во Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ Михајло Маневски.

Маневски нагласи дека ова е време во кое се врши велепредавство и загрозување на темелните основи на Уставниот поредок во Македонија, време на реваншизам и политичка хајка што го врши СДСМ и Зоран Заев.

-Владејачката хунта на Зоран Заев монтира монструозен случај на политички прогон на 36 лица за најтешко кривично дело ПРОТИВ ДРЖАВАТА Терористичко загрозување на Уставниот поредок. Брутално се претресувани, приведени и притворени врвни актери, режисери, музички уметници, пратеници, поранешен министер, полицајци бранители и државни службеници. Определен е притвор на 6 пратеници, народни избраници, почитувани и чесни граѓани, доктори и интелектуалци: Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски. На овие пратеници бесрамно им е одземен имунитетот за само 5 минути, како на најголеми терористи. Толку ли вреди народниот пратеник за оваа предавничка и ненародна власт? Се изживуваа со незаконито приведување на пратеници со лисици на рацете и со снимање во судница и во затворот, нагласи Маневски.

Тој посочи дека незаконското притворање на врвни интелектуалци, актери и режисери, музичари и културни великани, е врв на отпадништво на оваа ненародна Влада на авантуристот и велепредавник Зоран Заев, кој државата ја води во пропаст и работи за туѓи интереси.

-Игор Дурловски, Борис Дамовски, Владо Јовановски, Богдан Илиевски, Митко Чавков и другите притворени лица, не се ниту терористи, ниту државни непријатели и не сториле никакво кривично дело на штета на државата. Тие не се терористи, само затоа што си ја сакаат државата. Седумдесет дена мирно и со песни ја бранеа самостојноста и независноста на Македонија од туѓа платформа и донесување на противуставен Закон за воведување на двојазичност на целата територија и со срамниот противуставен избор на Претседател на Собранието. Држава во која се апсат актери, уметници, пратеници, родољуби и патриоти е доведена во предворјето на пеколот. Тие го дигнаа својот глас против тиранијата и неправдата. И ние, советниците на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, го дигаме својот глас против овој терор и неправда, против тоа нечесни и невини луѓе да гнијат во притвор повеќе од 20 дена како жртви на политичка одмазда за монтирано најтешко кривично дело и ВО ЗНАК НА ПРОТЕСТ ја напуштаме седницата на Советот на Град Скопје, потенцираше Маневски.

Тој додаде дека притворените се жртви на одмазда и не се виновни за ништо и во има на советничката група побара сите притворени веднаш да бидат пуштени на слобода.