четврток, 28. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Регион во Италија привремено ја запре вакцинацијата со „Астразенека“

Регион во Италија привремено ја запре вакцинацијата со „Астразенека“

Италијанскиот регион на северот на државата Пиемонт денес објави дека привремено ја прекинува вакцинацијата со вакцината на „Астразенека“ откако учител од провинцијата Биела починал откако ја примил вакцината во саботата, пренесува „Ројтерс“.

Одлуката е донесена како мерка на претпазливост, а регионот ги чека резултатите од проверките за да се утврди која група на вакцини е употребена и дали смртта е поврзана со вакцинацијата“, соопшти регионалната влада.

Шефот на регионалната здравствена служба, Луѓи Икарди, рече дека тоа е сторено од претпазливост, сè додека не се провери дали постои поврзаност, и дека досега немало никакви проблеми со примената на вакцината на „Астразенека“.

Италијанската агенција за лекови (АИФА) забрани употреба на една серија вакцини од „Астразенека“ во четвртокот, потсетува британската агенција, повикувајќи се на тврдења на свои извори дека одлуката следела по смртта на двајца мажи на Сицилија.

Агенцијата ја објасни одлуката како мерка на претпазливост, наведувајќи дека врската помеѓу вакцината и несаканите ефекти не е потврдена.

Неколку европски земји, вклучувајќи ги Данска, Норвешка, Исланд и Ирска, престанаа да вакцинираат со вакцината на „Астразенека“ поради проблеми со коагулацијата на крвта, а Австрија минатата недела престана да користи одредена серија вакцини од истиот производител додека истражуваше смрт предизвикана од згрутчување на крвта.

Европската агенција за лекови тврди дека нема индикации за поврзаност на смртните случаи со вакцината, а Светската здравствена организација го повтори ова во петокот.

Во меѓувреме,„Астразенека“ соопшти дека нивната вакцина не предизвикува згрутчување на крвта.