Вести

Умерен земјотрес предизвика паника во Иран

Земјотрес со интензитет од 5,2 степени според Рихтеровата скала синоќа погоди град во близина на Техеран, но засега нема податоци за жртви и предизвикани сериозни материјални штети.

Властите соопштија дека се уште се собираат информации за состојбата по потресот и ги повикаа жителите да останат смирени, но и да бидат подготвени за можни нови потреси.

Во некои делови на 8,5-милионскиот Техеран жителите масовно излегле на улиците и по парковите, плашејќи се од силни потреси.

Земјотресот бил на длабочина од седум километри под површината на земјата, со епицентар во Мешкин Дашт во провинцијата Алборз, на околу 50 километри западно од Техеран.

Според иранската државна телевизија, потресот бил почувствуван на многу места во северниот дел на Иран.

Силен земјотрес со јачина од 7,3 степени минатиот месец уништи цели села и мали градови во западната провинција Керманшах, долж планинската граница со Ирак. Во потресот загинаа 600 луѓе, а илјадници беа повредени.