среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Царинска управа: 4,8 милиони долари грант од Република Кореја за систем за управување со ризици и податочен склад

Царинска управа: 4,8 милиони долари грант од Република Кореја за систем за управување со ризици и податочен склад

Царинската управа добива грант од 4,8 милиони долари за развој и имплементација на систем за управување со ризици и податочен склад од Владата на Република Кореја. Директорот на Царинската управа Стефан Богоев и Ки-донг Ким директор при Царинската служба на Република Кореја денеска потпишаа Меморандум за соработка за доделување на грантот.

„Воспоставувањето на овој систем ќе овозможи подобро таргетирање декларации во кои постои ризик за плаќање давачки во помал износ од реалната цена на стоката, ризик од погрешно царинско распоредување или ризик од неточно пријавување на потеклото на стоката. Во оваа насока нашите идни политики базирани на ваквиот систем ќе бидат насочени кон развој на Царинската управа и подобрување на менаџирањето со ризици. Подоброто управување со ризици значи заштита на финансиските интереси на државата, и повеќе пари во Буџетот“, истакна Богоев.

Имплементацијата на овој систем, како што нагласи Богоев, е особено важна во време кога зависиме од брзата размена на податоци.

„Целиот свет во моментов е соочен со раст на цените што се пресликува врз економијата. Истовремено криминалитетот наоѓа свои форми на делување, под закрилата на отворената економија. Во такви услови Царинската управа потребно е да делува како ефикасна институција која ќе спроведува мерки и активности во насока на сузбивање на криминалот и поголем економски раст. Оттаму потребна ни е стратегија која ќе даде ефикасен одговор на сите предизвици со коишто се соочуваме денеска“, истакна тој.

Директорот при Царинската служба на Република Кореја, Ки-донг Ким, истакна дека потпишувањето на Меморандумот е многу значаен бидејќи ја потврдува решителноста и одлучноста на царинските служби за успешно спроведување на проектот.

„Овој проект се очекува во голема мера да придонесе за проширување на финансиските интереси преку спречување на даночното затајување и сузбивање на шверцот преку напредно управување со ризикот, како и олеснување на логистиката за царинење“, истакна Ким.

Најнови вести