среда, 14. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Наќе Чулев доаѓа на местото на Спасовски: Врвен професионалец наспроти партиски војник

Наќе Чулев доаѓа на местото на Спасовски: Врвен професионалец наспроти партиски војник

ВМРО-ДПМНЕ го предлага Наќе Чулев, професионалец од Агенција за разузнавање како нов предлог за прв човек во МВР. Оваа одлука дојде откако СДСМ не го прифати предлогот на Христијан Мицкоски, технички министер за внатрешни работи да биде Драган Ковачки.

Чулев не е униформирано лице и против него нема покренато обвиненија, со што се исполнети уставните критериуми, се огласија од СДСМ.

Наќе Чулев е со богато искуство од областа на безбедносната политика и прашањата од Министерството за внатрешни работи.

Откако го одбија предлогот за Ковачки, се отвори основан простор за сомнеж дека партијата на власт се плаши на местото на Оливер Спасовски да дојде врвен професионалец кој може да ја разобличи неработата на социјалдемократот, како и да ги обелодени низата скандали.

Како и Ковачки, така и Чулев е лице кое ужива голема почит поради својата богата биографија и успесите во работата. Профилот на Спасовски е партиски човек во кој најголема доверба има само Зоран Заев.

Чулев е професионалец кој работи во Агенцијата за разузнавање, а по вокација е дипломиран криминалист со постипломски студии по мир и развој, на Институт за одбранбени и мировни студии, при Филозофски Факултет на Универзитетот Св Кирил и Методиј Скопје.

Има завршено обуки и доусовршувања во Велика Британија, Германија, Бугарија и други европски држави.
Во неговата богата биографија стои дека поминал низ програмата за тероризам и безбедносни студии Џорџ Маршал, Европски центар за безбедносни студии од Германија и Лондон Велика Британија. Завршил обука и на Трансатланската академија (ТАСА) на Универзитетот Бон во Германија.

Се усовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на Софискиот Универзитет во Бугарија. Бил дел и од школата за балканската мрежа за човекови права во Дубровник Хрватска. Учествувал и на безбедносниот форум за стратегиска комуникација и евроатланска интеграција што беше дел од НАТО колеџ за одбрана.

Тој е ново лице во политиката, но не и во секторот на безбедносни прашања. Тој работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање. Чулев е редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.

Претходно во периодот од 2013-та до 2017-та година бил директор на Агенцијата за разузнавање. Од 2017-та до 2019-та генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Воедно во 2017-та година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.

Работел и како советник во Агенцијата, а бил и прв секретар во амбасадата на Република Македонија во Анкара, Турција од 2003-та до 2007-ма година. Наќе Чулев е 47 години, роден е во Кавадарци.

Ковачки-професионалецот од кој се исплаши СДСМ

Ковачки доаѓа од АРМ и е со чин полковник, а претходно има поминато низ сите скалила. Учесник во повеќе мировни мисии на НАТО силите и е одликуван со ордени и заслуги за државата.

Има завршено повеќе високи школи и обуки во САД и Европа. Има завршено на Кралски колеџ за одбранбени студии во Велика Британија, Командно-штабна академија во Хрватска и Воена Академија во Македонија.

Има успешно завршено обуки во Велика Британија за стратегиско лидерство и контраразузнавање, во САД за стратегиско разузнавање и анализа, како и обуки за борба против тероризмот. Бил дел и од обуките на НАТО алијансата па има успешно завршено обуки за команданти на НАТО, НАТО обука во Германија, НАТО обука за офицери во Шведска, и повеќе други во Турција, Бугарија и други земји.

Има поминато низ повеќе скалила во АРМ, како што се специјалните сили и другите сектори. Бил командант на 1. механизирана пешадиска бригада, началник на секција за операции и борбена готовност во 1. механизирна пешадиска бригада, раководител на Сектор-Служба за воена безбедност и разузнавање во МО, началник на одделение за контраразузнавање во воената служба за безбедност и разузнавање, офицер за разузнавање и вршител на должност началник на секција за безбедност и разузнавање во полкот за специјални операции, офицер за специјални операции и за разузнавање во мисија Слобода за Ирак-1, Командир на противтерористички тим во 6. одред и други функции.

Одликуван е со признанија за својата работа како што се: Плакета на АРМ за учество во мисија „Слобода за Ирак-1“ , Пофалница за остварени резултати во процесот на борбена обука и воспитување, медал на командно-штабната школа во Хрватска. Родител е на две деца и живее во Скопје.

Неговите колеги го оценуваат како бескомпромисен професионалец, лице со авторитет, почитуван во фелата.

Партиски лик наспроти професионалец

Оливер Спасовски е магистрант по управно право на правниот факултет „Јустинијан I” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во неговата биографија е појасно изразена партиската работа отколку службената и професионалната.

Во 2000-та година работел како адвокатски приправник. Од 2001 до 2005 година работи како советник на градоначалникот на Куманово. Од  2008 до 2011 година работи како секретар на општина Куманово.

Во периодот 2006-2008, 2011-2014 и 2016-2017 година бил пратеник во Собранието на Република Македонија.

Од 11.11.2015 година до 18.05.2016 година и од 02.09.2016 година до 29.12.2016 година бил министер за внатрешни работи, а на 31 мај 2017-та по трет пат е избран за министер за внатрешни работи.

Најголема поддршка тој има само од членовите и партиски симпатизери на СДСМ.

Спасовски, според огромен број на експерти, граѓани и лица од професијата, важи за еден од најнеуспешните министри кои Македонија ги имала. Во неговиот мандат се случуваат низа нерасчистени убиства, ликвидации, пресметки, тепачки, насилства, кражби, реваншизам….

Додека во друга држава, ваков министер веќе одамна би си поднел оставка, во Македонија Спасовски добива доверба од Владата да стане премиер во техничката влада.

Граѓаните, оправдано, се чувствуваат небезбедни во својата земја, својот град, својата улица. Ниту една силна битка против криминалот не го одбележа работењето на Спасовски на оваа функција. Но, очигледно, на СДСМ им треба ваков човек на чело на едно од најважните министерства во државата.

Затоа професионалец на столчето во МВР, за СДСМ е идеја која влева страв. Страв дека некои работи ќе бидат ставени на очиглед на јавноста за тоа како идниот премиер во техничката Влада раководел со МВР и како тргувал со безбедноста на македонските граѓани.

Што го одбележа работењето на Спасовски?

Потсетуваме на дел од работите кои се случија додека Спасовски е министер:

Убиството на Мартин Јанушев и бегството на убиецот и нарачателот. Откако речиси две години полицијата не можеше да го најде, Филип Секуловски, сам се пријави во затвор.

Убиството на Мартин Нешковски беше една од главните теми во кампањата пред избори на СДСМ. Додека СДСМ е на власт, а Спасовски министер за внатрешни работи, убиецот на Нешковски се дава во бегство.

Монструозно убиство на Пино Секондо. Момчето повеќе месеци се водеше за исчезнато. Потоа се обелодени дека е убиен, а беше познат и човекот кој го сторил ова кривично дело. Но, тој не е во затвор, туку е во бегство, македонската полиција не може да го пронајде.

Огромен број на осудени криминалци добија амнестија и излегоа од затвор. Сега тие се низ улиците, а секојдневните кражби и напади очекувано се поврзуваат со оваа одлука донесена во време на Спасовски.

Додека Спасовски е министер за внатрешни работи, специјалната јавна обвинителка заедно со сопственик на телевизија го прават „Рекет“. Бизнисмени биле жртва на рекетирање поради моќта на Катица Јанева, а државата не направи ништо да ги заштити. Блискоста на Спасовски со првоосомничениот Боки 13 е очигледна.

Во „Рекет“ гласно се спомнуваат имињата на високи функционети од власта, но засега никој од нив не е осомничен иако има индиции дека биле постојано во контакт со Јовановски.

Млад сопственик со млада фирма, доби ексклузивен бизнис со возачки дозволи тежок стотици илјади евра. Авто испитен центар Скопје, од конкурс ги елиминираше АМСМ, АСУЦ Боро Петрушевски, ПСС и Ауто Македонија. Фирмата на младиот сопственик е регистрирана на 19 јуни 2018, со минимален паричен влог од 5000 евра, а конкурсот на МВР на кој што и победи беше објавен на 25 јуни истата година. Серафимов лиценцата од МВР ја доби на 5 години.

Заташкување на насилството од партиските локални моќници. Градоначалникот на Шутка, Курто Дудуш крвнички претепа човек и го држеше како заложник, но никому-ништо. Спасовски го заташка овој случај и Дудуш не одговараше за ништо.

Главно ветување на СДСМ пред своите гласачи беше дека екс-премиерот Никола Груевски ќе биде осуден. Груевски бега од Македонија и добива азил во Унгарија.

Убиства среде бел ден, како тоа на „Рузвелтова“ остануваат нерешени. Се зборува дека сторители се лица од подземјето на кои дури ни Спасовски не им може ништо. Ако тоа е вака, како граѓаните да се чувствуваат безбедни?

Полициските билтени секој ден се преполни со информации на нападнати и претепани деца и возрасни. Граѓаните се жртви на кражби насекаде.

Афера „Жолто Комбе 2“ е афера во која што постојат индиции дека вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР нуделе работа, со ресурси и комбиња на МВР оделе во десетина земји членки на НАТО и ЕУ вршеле одредени недозволени дејности за трета земја која што не е членка на НАТО и ЕУ.

На граѓани им беше вршен притисок да не излегуваат на протести, а полицијата под контрола на Спасовски правеше се за да ги угуши протестите.

Врвен професионалец наспроти партиски војник. Во моментот кога Чулев ќе седне на столчето на Спасовски, МВР ќе добие стручно лице со богато реноме, а досега имаше на чело партиски колега на премиерот Заев.

 

Најнови вести