недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Левица примила донација од околу 18.000 евра од приватна фирма, Апасиев смета дека нема ништо спорно

Левица примила донација од околу 18.000 евра од приватна фирма, Апасиев смета дека нема ништо спорно

Политичката партија Левица, предводена од претседателот Димитар Апасиев, во текот на минатата 2019-та година добила донација од приватна компанија во износ од скоро 18.000 евра, објави ФОКУС.

Поранешниот функционер на Левица, Здравко Савевски, објави регистар на донации за второто полугодие од минатата 2019 година, од кој се гледа дека партијата во овој период единствената донација ја добила од компанијата Аутсорс Консалтинг Сервис и таа изнесува 1,1 милиони денари.

-Еве ја таа Апасиева „Левица“, наводно работничка партија, која прима илјадници евра од фирми. По криминалниот упад на Апасиев во Левица, неговата партија-фирма почна да врти доста пари. Ама, да, на страната на работниците се“, напиша на фејсбук Савевски, кој подолго време е во конфликт со поранешниот соработник Апасиев.

Според податоците од Централниот регистар, компанијата што се јавува како донатор на Левица е формирана на средината на 2016-та година, со основна дејност за комбинирани канцелариски и административни услужни дејности.

Како сопственици на компанијата со седиште во Скопје, која има подружници и во Струмица, Неготино, Берово, Струга, се јавуваат Александар Талевски, Костадин Самаров и Ивана Ристовска.

Според Апасиев, нема ништо спорно во оваа донација.

Во изјава за Фокус, тој вели дека Законот за финансирање политички партии и дозволува на Левица, како и на секоја друга партија, да прима донации од физички и правни лица.

-Во конкретниов случај, примената парична донација е од правно лице и е далеку под границите на дозволениот законски максимум – така што, нема ништо спорно во процесот. Наместо, како големите партии, да примаме пари на „црно“ – ние примената донација, во духот на транспарентноста, уредно ја пријавивме во УЈП и ја објавивме на нашиот веб-сајт и за истата плативме данок – вели Апасиев.

Тој појаснува дека донацијата потекнува од неколкумина симпатизери на Левица-иселеници од САД, кои, како што вели, сакаат да партиципираат во изградбата на сериозна партиска структура, бидејќи тие во оваа партија го гледаат единствениот искрен спас за државата.

-За да ги успокојам душегрижниците и деструктивците-морализатори, само би кажал дека парите земени од „богатите“ се употребени наменски – за сиромашните – согласно нашата робинхутовска и левичарска идеологија. Истите, покрај за организација на Пленумот, пререгистрацијата на партијата, отворањето и опремувањето локални канцеларии во осум градови – меѓудругото е употребена и за плаќање на адвокатски и судски трошоци на наши членови – текстилни и индустриски работници кои ги стимулираме масовно да ги тужат газдите заради експлоатација на нивниот труд – истакнува првиот човек на Левица.

Најнови вести