вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Апасиев: Ако нема указ-нема ни закон, Иванов има право на „џебно вето“

Апасиев: Ако нема указ-нема ни закон, Иванов има право на „џебно вето“

Интересен е фактот дека правото на вето на шефот на државата е регулирано во уставниот оддел посветен на Собранието на РМ [член 75], а не како што би се очекувало во одделот посветен на Претседателот на РМ – што несомнено ја потврдува констатацијата дека ветото има легислативна функција и е дел од законодавната постапка. Со други зборови, промулгацијата (лат. promulgatio = „обнародување“, т.е. потпишување на указот за прогласување на законот) претставува претфинален чин при донесувањето на законите, кој ѝ претходи на „публикацијата“ (publicatio), односно на конечното обзнанување/објавување на законот во Службен весник, пишува д-р Димитар Апасиев од Левица за „Respublica“.

Неговиот излагање на оваа тема го пренесуваме во продолжение

– Или, поинаку кажано, ако нема указ – нема ни закон! Оти законот се смета за дефинитивно донесен единствено кога претседателот на Републиката, своерачно, ќе го потпише указот за негово прогласување. Тогаш и само тогаш, конкретниот закон, кој претходно бил изгласан, може да биде објавен, а подоцна и да влезе во сила (urbi et orbi). Значи, без указот – кој, всушност, има конститутивно дејство на пораѓање на законот – законот сè уште го нема: тој не постои и, следствено, не ни може да произведе никакво правно дејство.

– Во досегашната уставно-правна историја на независна Македонија, не постои ниту еден единствен случај закон да биде објавен и да почне да се применува без потпис од шефот на државата! Досегашните четворица претседатели на Републиката го употребувале правото на суспензивно ветово повеќе ситуации:

(а) првиот претседател Киро Глигоров, во првиот свој мандат го нема употребено правото на вето; додека, пак, во текот на неговиот втор мандат го има употребено вкупно четири пати [два пати во 1997 и по еднаш во 1998 и во 1999 год.];

(б) вториот претседател Борис Трајковски, за време на својот мандат, правото на вето го има употребено вкупно шест пати [еднаш во 2001 и пет пати во 2003 год.];

(в) третиот претседател Бранко Црвенковски е рекордер во користењето на ова право, бидејќи во единствениот свој мандат го има употребено дури десет пати [еднаш во 2005, два пати во 2006 и седум пати во 2008 год.]! Да потсетиме дека претседателот Црвенковски стави вето на претходниот Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните во Македонија и во единиците на локалната самоуправа (4.08.2008) – кој беше далеку побениген и понеопасен во споредба со овој најнов октроиран лингвистички закон; и, конечно,

(г) последниот, четврти македонски претседател Ѓорѓе Иванов беше единствениот кој во своите два мандата воопшто го немаше употребено ова негово уставно право, а да не беше спорниов Закон за јазици [2018] прашање е дали воопшто и ќе го употребеше.

– Во еден хипотетички случај на владина инструментализација на Собранието на РМ и носење на Законот за јазиците „прекутрупа“, односно со флагрантно кршење на процедурата, претседателот на Републиката – поставувајќи се како своевиден „татко на нацијата“ и чувар на институционалниот баланс меѓу централните органи на власта – ќе има право да се повика на досегашните уставноправни преседани на употреба на она што, во конституционата теорија, е познато под називот џебно вето или т.н. „вето во фиока“.

Имено, за разлика од суспензивното вето – кое само привремено ја одолговлекува законодавната постапка – џебното вето, употребено во крајна нужда, може целосно да го блокира донесувањето на законот и de facto да го закочи законодавниот процес! Тоа е можна ситуација во мешовитите парламентарни системи, каков што е и нашиот, кога Претседателот, како инокосен извршен орган чиј легитимитет – исто како и оној на Собранието – е добиен на непосредни избори и извира директно од народот, ќе одлучи и по втор пат да не го потпише указот за законот, иако на тоа го обврзува Уставот [чл. 75, ст.3]. Впрочем, ако ги споредиме апсолутните бројки, ќе видиме дека легитимитетот на актуелниов претседател е дури и поголем од оној на моменталната владејачка коалиција: 534.919 избирачи кои гласале за Иванов, наспроти 436.981 освоени гласови на СДСМ и 86.796 гласови на ДУИ.

Целото образложение на д-р Димитар Апасиев од Левица, прочитакте го ТУКА

Најнови вести