сабота, 16. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Избори 2020: Повеќе од обично партиско соочување

Избори 2020: Повеќе од обично партиско соочување

Откако не успеа во приказот на Мицкоски како екстензија на Груевски и на опозицијата како „анти-западна“, со изјавите неделава Заев покажува дека негов рецепт за изборна победа е само што помала излезност без учество на опозицијата.

За сите кои ја следат домашната политика, рецептот и не е баш иновативен. За разлика од 1994, кога при ранет регион и кризна Македонија тоа беше „сигурна карта“ за одржување на власт (на СДСМ), денес овие состојби се само навидум слични, но суштински – многу поразлични. За почеток, првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Георгиевски, кон кого ваквите обвинувања исто така беа упатувани – сега е коалициски партнер на Заев. Потоа, бидејќи Мицкоски, како нејзин лидер денес, ниту со изјава ниту со постапка не заговара промена на курсот на земјата: независна држава интегрирана во ЕУ и НАТО.

Затоа, коректно е натегањето на Заев за изборниот датум да се илустрира адекватно: со истата „непопустливост“ на Груевски од пролетта 2016, кога ултимативно „распиша“ избори кои опозицијата не ги прифати, а потоа, како ги распиша – така ги „одраспиша“.

Особено ако се има предвид дека антагонизацијата во 1994 беше партиска (меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ), а политичката подготвеност за гласање беше висока, додека денес случајот не е ист. За почеток од аспект на излезноста, која колку е пониска – толку е попосакувана за (интриги и манипулации на изборниот процес од) власта. Уште повеќе што по сите скандали и афери, атентатот врз надежта од 2015/16 за средување на државата дополнително влијае врз општото нерасположение за гласање, при срушена доверба во политичарите и дипломатите во Скопје. Со корона-вирусот што денес коси еднакво како и на почетокот на епидемијата во Македонија, уште повеќе.

Оттука, не е изненадувачки што „аll in” влогот на Заев е ист со четирите години пракса на неговата „ќе Влада“: милозвучна понуда за секој што ќе прифати да биде клиент за буџетска помош од свои пари, што „ќе се случи“ – ама после избори – и ако се случи.

Оти по сѐ што (не) направи четири години, „Бихаќка“ сфаќа дека состојбата е сменета: ако во 2016 беше „со Заев нема социјал-демократија, без него нема СДСМ“, сега е обратно – „без мерките на Заев нема социјал-демократија, со него нема СДСМ“.

Затоа, откако од шоуто Боки 13-Катица за расчистување остана само движењето на парите и улогата на „1ТВ“ во случајот, дополнето со разни грабежи на државни пари и „Муртиногејти“, продолжената епидемија агресивно го напаѓа владиното ткиво и ги разобличува и последните пи-ар ослонци на СДСМ проектирани во министрите за здравство и финансии. И, соочени со непријатната реалност, неговите поддржувачи, од НВО-и до медиа-мегафони одат во две крајности: видлива воздржаност или голо пропагандерство што ги дотрошува проектните фондови од 2016.

Иако, за волја на вистината, повлекувањето на провладината медиумска камарила, концентрирана во производите и антените на „Фабриката“ на Бучковски уште од 2005 беше поттикнато од тоа што

Мицкоски не влезе во стапицата на бранење на неодбранливото

За почеток, бидејќи оддаде впечаток дека не се потпира безрезервно на наследените кадри и политика. А и бидејќи со последните „разговори“ кои му беа пласирани се слушна отклон од политиката на користење подземни средства и структури за политички цели. Опкружувањето и потезите во следниот период ќе го тестираат ваквиот впечаток и од тоа ќе зависи неговиот (партиски) изборен успех.

Охрабрува и тоа што на почетокот можеби поимпулсивно од потребното, но сега многу попрецизно, Мицкоски внимава при градењето на своите политики да ги разграничи емоциите од возможното. На две нивоа.

Веќе во текот на корона-кризата започна да исцртува претпазлив план и приоритети за санирање и корегирање на внатрешно-државните економски, политички и општествени слабости различно од „ќе Владата“ на Заев, која дома конфузно ветува и слабо испорачува. Во услови на кризата која е здравствена, економска, но и психолошка – многу значајно за граѓанинот да има чувство дека во сопствената држава и влада има потпора за отскок, а не тег што го влече назад.

Економски, тоа е во инвестирање на ограничените ресурси во промислени приоритети, затоа што тие во следниот период ќе бидат објективно поограничени. А општествено-политички во држење до правилото дека партискиот успех ќе го заснова на свесна одлука на гласачот, а не на еднократна употреба на електорат низ флоскули и на слабеење на секој потенцијален коалициски партнер (како кај Македонците, така и кај Албанците). И со тоа – ја поништи тезата за „отсуство на коалициски капацитет“.

Но, ова не е памфлет за Мицкоски, па тука е потребно да се исцртаат и очекувањата од него и неговиот тим по изборите. Мора да се каже дека по три децении малтретирање со безбедносни тензии, намерно промашени приватизации, длабока (политичка и системска) корупција и дисфункционалност, Македонија уште од 2016 има потреба од

Влада за консолидирање дома, но и правилно поставување на државата надвор

Особениот предизвик е во надворешно-политичка смисла да проектира запирање на доминацијата на емотивното над реалното и на сервилното над објективното. Засега, во услови на атмосфера за „идентитетски атак“ што на различни точки го засега и секој Македонец и секој граѓанин на Македонија – покажува дека е подготвен да води не само партиска, туку и владина политика. Но со тоа ќе треба да биде соочен во подолг временски период, прекинувајќи ја временски анахроната инерција на играчите и потомците на групировката The Belgrade Boys во Скопје.

Имено, членството во НАТО е остварена државна цел. ЕУ засега е оддалечена, но трасирана државна цел. Но тие се цели, а не смисла на постоењето на државата. Површната надворешна политика на Заев и Димитров придонесе некои од прашањата да бидат третирани со болни решенија без гаранции, а некои од решенијата да отворат гарантирано болни прашања. Справувањето и со нејзините последици различни од административно замисленото ќе го дефинира неговиот личен и тимски успех.

Фактот што Пендаровски минатата недела правилно ретерираше од непотребното влетување во опсегот на работата на Мешовитата комисија со Бугарија сам по себе не би бил значаен доколку Мицкоски не ги потврдеше овие позиции на претседателот на Републиката со тоа што не ги проблематизираше.

Ова, заедно со осаменоста на Заев во „бркањето јунски датум за избори“ во вилата Водно ги алармираше орбитерите на трите сокачиња на „Бихаќка“ дали кохабитацијата веќе не е започната и на чие политичко сојузништво Заев воопшто и може да смета?

Со сето ова во вид, станува разбирливо и зошто Мицкоски не влетува брзоплето ниту во бранење на сомневањата за криминал на кој било претходен или сегашен негов кадар, но навремено бара национална стратегија за надворешно-политичките предизвици.

Лично сметам дека таа ќе наиде на домашна поддршка и надворешно и соседско разбирање доколку во основа ја позиционира Македонија како: раскрсница на два коридори, без излез на море; една од помладите балкански нации во која односите меѓу Македонците и Албанците се функционални кога си ги штитат, а не кога си ги предизвикуваат идентитетите; НАТО сојузник со ЕУ перспектива, што треба да го поддржи решението на преостанатите регионални спорови, но не и да биде дел од нивните равенки; држава со функционални институции, а не само земја или територија; и последно, но еднакво значајно – држава, а не инерциски талог на југословенската федерација.

Од тоа зависи и дали оваа (политичка) генерација ќе успее да се соочи со сопствените предизвици или само ќе продолжи да плива во зачмаената бара на „старите крокодили“.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Најнови вести