недела, 10. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

После 24 дена, два нови случаи на коронавирус во Нов Зеланд

После 24 дена, два нови случаи на коронавирус во Нов Зеланд

Нов Зеланд пријави први нови случаи на коронавирус по 24 дена, а се работи за две жени кои пристигнале од Велика Британија за да посетат родител на смртна постела.

Тие пристигнале во Нов Зеланд на 7 јуни преку Доха и Бризбејн и биле изолирани во Окланд, каде што пред да бидат тестирани, добиле специјална дозвола да го посетат родителот.

Тие патувале со автомобил од Окланд до Велингтон, а сега двете се во самоизолација.

Поради новите случаи во Нов Зеланд, почнаа тестирања на вирусот за сите кои можеби биле во близина на двете жени, вклучувајќи ги патниците и екипажот на летот, во карантинот во Окланд, како и членовите на нивното семејство со кои биле во Велингтон.

Во Нов Зеланд се пријавени вкупно 1.506 случаи на коронавирус, а починале 22 лица.

Земјата не ги отвори своите граници, но минатата недела ги укина сите социјални и економски ограничувања, откако беше објавено дека нема нови случаи.

Сепак, премиерката Џасинда Ардерн предупреди дека во иднина може да се појават нови случаи на коронавирусот, кога граѓаните, како и странците со посебни дозволи, ќе се вратат во земјата.