петок, 8. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Ковид-19: Над 100 илјади починати во Индија

Ковид-19: Над 100 илјади починати во Индија

Смртноста од коронавирусот во Индија денеска надмина 100.000, со што Индија стана третата земја во светот што го надмина тој мрачен праг, по САД и Бразил, додека епидемијата не покажува знаци на забавување.

Вкупниот број на смртни случаи е 100.842, соопшти Министерството за здравство, додека вкупниот број на заразени скокна на 6,47 милиони со дневно зголемување на случаи од 79 476. Индија веќе некое време има највисока стапка на раст на зараза во светот.

Владата на премиерот Нарендра Моди, соочена со пад на економијата по воведувањето на строги карантински мерки за спречување на ширењето на вирусот кон крајот на март, е близу до целосно отворање на земјата.

Оваа недела на кината ќе им биде дозволено да работат со половина капацитет, а локалните власти може да одлучат да ги отворат училишта од средината на овој месец.

Како што се приближуваат зимата и празниците, вклучително и хинду-фестивалот Дивали следниот месец, може да има зголемување на случаите во втората најнаселена земја во светот, велат здравствените експерти.

– Видовме неодамнешно забавување на кривата на раст на вирусот, но може да се појават нови жаришта, рече Брамар Мукерџи, професорка по биостатистика и епидемиолог на Универзитетот во Мичиген.

Таа рече дека податоците покажуваат дека нешто повеќе од седум проценти од 1,3 милијарди луѓе биле изложени на вирусот, што значи дека Индија е сè уште далеку од т.н. имунитет на стадо.

– Бројот на случаи може да се искачи на 12,2 милиони до крајот на годината, но стапката на инфекција може да зависи од тоа колку се ефекасни мерки како физичко растојание, рече таа.