среда, 27. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во најцрните денови Заев и Филипче ги чуваат границите отворени, секој слободно да влезе и да го шири корона вирусот

Во најцрните денови Заев и Филипче ги чуваат границите отворени, секој слободно да влезе и да го шири корона вирусот

Сите лидери на земји во време на пандемија гледаат како да ги заштитат здравјето и животите на сопствените граѓани, но не и нашите. Македониските власти предводени од премиерот Заев, но и министерот за здравство Филипче, среде пандемија гледаат можност за профит и личен пи ар.

Сите држави преземаат соодветни мерки, уште од самиот почеток макотрпно работат, бараат решенија за што е можно помалку животи да се загубат, Заев и Филипче размислуваат на бизнис, политички пресметки и лажен хероизам на очиглед на колапсот во државата.

Додека целиот свет контролира кој влегува и излегува од државата, за полесно да се следи и контролира преносот на корона вирусот, премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче, како и комисијата за заразни болести, сметаат дека во Македонија може кој било странски државјанин да влезе и слободно да шета без разлика дали е позитивен на корона вирусот. Уште од крајот на јуни укинати се сите услови за странски државјани, а од пред околу два месеци и за државјаните на Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Но, за да биде лудоста поголема границите со Србија и Косово се отворени за време на вториот бран, во ситуација кога двете земји како и Македонија ја губат контролата над пандемијата.

Така на пример во Србија вчера имаше 5.613 заразени и 27 починати, додека Косово имаше 720 новозаразени и 11 починати. Во ваква ситуација двете земји преминуваат кон порестриктивни мерки, Србија реши од 21 до 5 часот наутро да ги затвори речиси сите економски субјекти, освен неопходните како бензиски, аптеки, достава на храна, додека Косово отиде и чекор понатаму и воведува карантини во Приштина и останатите места каде ситуацијата се загрижувачка. Таквите мерки на Косово се одразуваат на Македонија. Жителите на местата со висок ризик за да избегнат викенд карантин, пред тој да започне доаѓат во Македонија. Така сведоци бевме како два викенди со ред, жители на Косово ги наполнија моловите во земјава, но и слободно си одеа кај роднини, без да бидат проверени дали се позитивни на корона вирусот. Кој ќе одговара доколку тие го шират вирусот во Македонија? Дали се свесни премиерот Заев и министерот Филипче во каков ризик ги ставаат граѓаните?

Контролата на границите е една од најважните работи за време на пандемијата. Познати се примерите на Тајван и Нов Зеланд кои од април имаат по еден или два случаи на ден или воопшто немаат. Се разбира нивната предност е тоа што се островски земји, но тоа ни ја укажува важноста на контролираниот влез во земјата. Токму затоа и ЕУ уште од март ги затвори границите за трети земји и се уште ги нема отворено. Дополнително земјите членки самите одредуваат за кои други земји ќе биде дозволен влезот или забранет.

Сепак премиерот Заев и министерот Филипче сметаат дека се подобри од целиот свет, од лидерите на земјите од ЕУ, но од оние кои речиси ја спречија пандемијата како Нов Зеланд и Тајван. Па затоа Заев и Филипче сметаат дека кој сака може да влезе во Македонија и доколку е позитивен може слободно да го шири вирусот. За нив не е важно дали и колку странски државјани позитивни на корона вирус влегуваат во Македонија имаат контакт со македонските граѓани.

Со ваков чекор жителите на Македонија се препуштени сами на себе, власта не се грижи за нив. Владата предводена од СДСМ и Заев свесно ги изложува на ризик и ги загрозува животите на граѓаните на Македонија. Вакво недозволиво неодговорно однесување не е забележано во друга земја, а кога ќе им текне да ги затворат границите можеби ќе биде предоцна.

Најнови вести