недела, 3. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Меркел: До средината на годината ќе постигнеме компромис за реформите во ЕУ

Меркел: До средината на годината ќе постигнеме компромис за реформите во ЕУ

Наспроти разликите меѓу Берлин и Париз по некои од предложените реформи на ЕУ, до средината на годината Германија и Франција ќе постигнат компромис за овие прашања, изјави денеска германската канцеларка Ангела Меркел.

– Потребна ни е јавна дебата и во крајна линија способност да најдеме компромиси, изјави Меркел на заедничка прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон, одржана по нивната денешна средба во Берлин.

Како сфери за кои се уште постојат разлики меѓу Берлин и Париз, Меркел ги посочи мигрантската политика. заедничката надворешна политика и натамошниот економски развој на Еврозоната и монетарната унија.

– Европа може да ги реши проблемите само ако биде единствена. На земјите од ЕУ им е неопходен заеднички пристап во надворешнаѕа политика, додаде Меркел.

Таа нагласи дека Германија и Франција во следниот период ќе разговараат за тоа што заедно можат да направат за да придонесат за ставање крај на војната во Сирија и за надминување на конфликтот во Украина.

Меркел истакна дека до крајот на јуни земјите членки на ЕУ ќе мора да постигна напредок и во врска со прашањето поврзано со мигрантите.

Таа нагласи дека Германија и придава важност и на трансатлантската соработка и покрај серијата несогласувања меѓу ЕУ и САД.

– Сојузот со САД претставува големо богатство кое би сакала да го негуваме и развиваме, додаде Меркел, која на 27 април во Вашингтон треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Макрон на прес-конференцијата оцени дека во моментов Европа се наоѓа на крстопат.

– Заедничкиот суверенитет на Европа е поставен на испит од сегашниот светски поредок, нагласи Макрон, посочувајќи ги како предизвици трговските несогласувања, технолошниот напредок, климатските промени и зајакнувањето на национализмот. 

Според него, денес живееме во време кога европскиот проект е уникатна идеја. 

– Доколку сакаат просперитет на блокот, европските земји мора да изнајдат механизми за солидарност, зајакнување на монетарната унија и создавање на инструменти за зајакнување на конкурентноста, истакна Макрон.