сабота, 30. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Близок соработник на Навални притворен во Москва до 28 февруари

Близок соработник на Навални притворен во Москва до 28 февруари

Суд во Москва денеска му одреди мерка притвор до 28 февруари на Павел Зеленски, член на Фондацијата за борба против корупција на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, под обвинение дека на Интернет поттикнувал на екстремизам, се наведува во соопштението на судот.

На Зеленски му е одреден притвор само еден ден пред планираното враќање на Навални во Русија, откако тој наводно беше отруен во август, а потоа беше префрлен на лекување во Германија.

Според шефот на Агора, групата за човекови права со седиште во Москва, Зеленски, кој работи како снимател во фондацијата Навални, бил приведен вчера.

Повикувајќи се на адвокатот на Зеленски, од Агора наведуваат дека случајот се темели на негова објава на Твитер од минатиот октомври, во која има фотографија од руската новинарка Ирина Славина. Новинарката Славина почина откако се запали пред Министерството за внатрешни работи, еден ден откако полицијата изврши претрес на нејзиниот стан.

„Нема да се откажеме и ќе му помогнеме на семејството на Паша Зеленски на секој можен начин“, на Твитер порача директорот на Фондацијата за борба против корупција, Иван Жданов, по денешното судското рочиште. (МИА)