вторник, 9. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Индија: Бројот на починати од корона би можел да биде многу поголем од официјалните податоци

Индија: Бројот на починати од корона би можел да биде многу поголем од официјалните податоци

Најмалку 1.150 смртни случаи од Ковид-19 во Индија за само неколку дена не се вклучени во официјалните владини податоци, што укажува дека реалниот број на починати може да биде многу поголем, според денеска објавените резултати од истрагата.

Направените снимки од воздух од масовните кремирања во Њу Делхи предизвикаа загриженост дека реалниот број на жртви е многу поголем од официјалните владини податоци.

Независната истрага на телевизиската куќа НДТВ утврди, по посетата на градските власти и седум крематориуми, дека стотици смртни случаи како последица на коронавирус не се запишани во официјалниот список на жртви.

Податоците на Градската корпорација на Делхи (МЦД) од 26 крематориуми покажуваат дека од 18 до 24 април биле извршени 3.096 кремирања на починати од Ковид-19.

Но, во истиот период, Владата во Делхи потврди 1.938 смртни случаи од Ковид-19, што значи дека можеби не биле сметани 1.158 починати.

Засега не се познати причините за таквата разлика во бројот на смртни случаи.

Едно објаснување би можело да биде дека МЦД само ги брои мртвите тела донесени од болниците од Ковид-19, додека оние кои умираат дома не се вклучени во официјалните податоци.

Разликата меѓу официјалните податоци и реалниот број на кремирани и починати постои низ целата земја, така што Владата се повеќе е обвинувана за прикривање на вистината.

Брамар Мукерџи, професор по биостатистика и епидемиологија на Универзитетот во Мичиген, смета дека вистинскиот број на починати од Ковид-19 би можел да биде два до пет пати поголем отколку што пријавуваат властите.