понеделник, 1. јануари 2024. Вести денес: 0
home Технологија

Во Кина легално почнаа да се возат автомобили без возач (ВИДЕО)

Во Кина легално почнаа да се возат автомобили без возач (ВИДЕО)

Во Кина за прв пат е дозволено да влезат во сообраќај автономни возила без возач.

Иако голем број прототипови без возач веќе успешно ги поминаа своите први тестови на јавните патишта, овој пример досега е најблиску до она што нѐ очекува во иднина. Deeproute.ai објави видео од тест рутата, каде што прототип на автономно возило успешно ги надминува сите предизвици во возењето без учество на возачот.

На пробната патека долга 22,5 километри во деловната зона на кинескиот град Шенжен, прототипот опремен со систем за автономно возење на ниво 4 успешно ги надмина сите предизвици на сообраќајниот метеж. Да потсетиме, Шенжен со 17,5 милиони жители е четврти по големина кинески град, а автономното возило мина низ специјално избраната зона без и најмала грешка за околу еден час.

Ова го означи првиот правен тест на возило без возач во Кина, што е овозможено со новото законодавство усвоено на 6 јули во Шенжен. Видеото покажува како автономниот систем се движи во предизвикувачки ситуации каде што автомобилите често менуваат ленти, возилата поминуваат низ црвените светла, а пешаците се движат блиску до коловозните ленти. Многубројните ситуации би биле фрустрирачки дури и за просечен возач, со којзнае какви последици и реакции, додека автономниот систем се справуваше со сите предизвици на крајот смирено простувајќи ги прекршоците и опасните маневри на другите учесници во сообраќајот.

Тестното возило е MG Marvel R, кое е опремено со пет LiDAR, осум камери и сензори, но главната разлика е алгоритмот кој совршено го предвидел движењето на другите учесници во сообраќајот на прикажаниот тест и го приспособил движењето на сопственото возило.

DeepRoute.ai ќе го понуди системот Driver 2.0 по цена од 3000 УСД за производителите кои ќе одлучат да го користат на сериски автомобили и роботакси возила. Системот е подготвен за широка употреба, а ќе биде пуштен во продажба до 2025 година. Дополнителна предност на системот, покрај цената, е тоа што веќе е интегриран во надворешниот дизајн на автомобилот, па за разлика од некои роботакси, речиси е невозможно да се забележи.