недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Столтенберг: Западните земји не треба да создаваат нова зависност од Кина

Столтенберг: Западните земји не треба да создаваат нова зависност од Кина

Западните земји мора да бидат внимателни и да не создаваат нова зависност од Кина во периодот кога се отфрлува снабдувањето со руски енергенси поради војната во Украина, предупреди генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

– Гледаме дека Кина прави сè поголеми напори да воспостави контрола врз нашата критична инфраструктура, синџири на снабдување и клучни индустриски сектори, рече Столтенберг за време на посетата на Шпанија и ги повика сојузниците да ја зајакнат отпорноста на нивните земји и инфраструктура.

Тој ги повика западните земји „да не им даваат шанса на авторитарните режими да ја искористат ранливоста на Западот и да ја поткопаат“.

Во својот нов стратешки концепт усвоен во јуни оваа година, НАТО ја опиша Кина како предизвик за „интересите, безбедноста и вредностите“ на Алијансата како економска и воена сила.

Во претходниот стратешки документ на НАТО, кој беше усвоен во 2010 година, Кина не беше ни спомната затоа што во тоа време Западот ја сметаше земјата за обичен трговски партнер и производствена база.