недела, 24. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Дефокусирање

Дефокусирање

Уште пред неколку месеци предупредив дека СДС кампањата за изборите ќе ја водат на крајно непринципиелна основа, односно ќе се обидат да наметнат во јавноста тема на дискусија за минатото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Не дека се што правеше минатото раководство на ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2006 до 2016 беше негативно, но така едноставно ќе се зборува за „ланскиот снег“ и нема да се зборува за конкретните и планетарни „успеси“ на Заев и СДС во последниве три години на „неизмерни“ успеси на СДС.

Но, очигледно е дека последниве денови применуваат и „резервен план“, а тој се однесува повторно на дефокусирање на јавноста и повторно е приземна политичка игра. Игра во која секако забораваат на сопственат им улога и „успеси“. Оваа игра се нарекува „Преспански договор“. Во рамките на планот „Б“ е секако прашањето и со договорот за добрососедство со Бугарија.

Приземната политичка игра или „планот Б“ има еден многу чувствителен елемент. Не дека „планот А“, забава и дефокусирање на јавноста со зборување за минатото раководство на ВМРО-ДПМНЕ нема чувствителни елементи кои се однесуваат на обидот да се „испегла“ или „заборави“ криминалот на Заев, односно аферите кои не можеме да ги доброиме па дури и да се потсетуваме во дневникот на Грофот Сен Жермен. Сепак, чувствителниот елемент во „планот Б“ кој се однесува на дефокусирање на јавноста со употреба на Преспанскиот договор пред се како носечки елемент, се нарекува влијание на „меѓународниот фактор“.

Тука доаѓаме до есенцијата на пропагандата или пласирањето на „стартегијата“ на СДС како општо прифтена вистина во Македонија. Имено, сите ние треба да прифатиме дека поради „меѓународниот фактор“ (ова затоа што владата на СДС е свесна дека нема никаков углед кај сопствените граѓани за да влијае врз јавното мислење), треба безусловно да ги прифатиме решенијата во Преспанскиот договор како догма (одтука и перверзното однесување на Димитров во однос на одбраната на Уставот). Сето ова е со една единствена цел, а тоа е да се занимаваме со се друго само не со тоа што го работеше Заев и СДС и што во овој момент го работат.

Во овој момент работи Заев и тоа многу интензивно чекајќи го дури и „чичко Бранко“ (оној „добродушен“ чичко што незнае кој е и што е). Работи со Собранието кое нема никаква морална основа да донесе било каков закон, а не пак системски закон. И повторно тука се бара поддршка од „меѓународниот фактор“, а за жал во оваа операција на Заев, повторно и повторно се злоупотребуваат нашите стратешки партнери, а јавноста се дефокусира од клучните прашања и последици.

Очигледна е потребата да се посегне по искуствата наталожени во „ќупот на мудроста“, затоа што развојот на државата зависи од идејата и инвентивноста на власта, а минатото треба да се искористи за црпење искуства не за барање алиби во него за сопствената неспособност. Повторно и повторно Заев за остварување на сопствените политички цели ќе ги искористи нашите стратешки партнери прикажувајќи и на Македонската јавност дека ова повторно е некое барање на САД, НАТО, ЕУ. На овој начин (не верувам дека ова е случајно) Заев свесно ќе предизвика нов бран на анти-американско, анти-НАТО и анти-ЕУ расположение што е штета за стратешките цели и развојот на Македонија и Македонската нација. Повторно Заев за неговата политичка и криминална активност ќе се сокрие зад „меѓународниот фактор“, а јавноста ќе ја дефокусира од клучните прашања, но во тоа дефокусирање ќе ја обвини за недемократија, ретроградност, заостанатост, национализам и што ли уште не. Сите се виновни, но Заев никогаш не е виновен, тој е манипулатор кој на грбот на нацијата (пред се економски) гради „бели дворови“ и политички „успеси“.

Како што вели Едвард Бернајс во својата книга „Пропаганда“ …„од нашите водачи и медиумите кои тие ги употребуваат за да се обратат на јавноста ние ги прифаќаме доказите и обележувањето на границите на темите кои се поставени во јавноста како прашање“. Токму овие теми и нивните граници се многу растегливи, бидејќи суштината на дефокусирањето на јавноста е во поставувањето на темите кои јас во Македонскиот случај ги нареков „план А и план Б“ на Заев и СДС за водење и насочување на пред изборната кампања. За да не реагираме емотивно и да проникнеме во нивната суштина, едноставно треба да ги игнорираме што е нај едноставната наша реакција на менталното труење кое во енормни количини ќе го доживуваме секојдневно во следниот период. Многу е важно во времето на директната кампања која СДС ќе ја води кон граѓаните да пристапиме разумно со едноставно прашање до агитаторите-пропагандистите, а тоа е: „Кажете ми што е со случаите тенедер Рашковски, пранкери, лажни аристократи и кралеви кои ги примаше Заев, Рекет (незнам кој број), криминалот и корупцијата на највисоко ниво, срамотата од судство и обвинителство во ликот на Катица, руинираното здравство, тргувањето со токсичен отпад односно негово увезување, нестерилизиран и неуништен медицински отпад, загадувањето, економското пропаѓање, акцизите и поскапувањето на горивото, енормното и брзо иселување на младите, квалитетот на социјалната заштита, квалитетот на образованието, зошто не зборувате за науката (тоа е тема која е заборавена, а без наука нема напредок) и други секојдневни прашања кои директно не допираат“, а не да зборуваме за „ланскиот снег“ и за катастрофалните нивни, не наши договори кои ни ги наметнаа и кои ќе треба во иднина со години, ако не и со децении да ги исправиме и да го вратиме достоинството на Македонската нација или да разговараме за мизеријата на актуелното Собрание кое глуми законодавен и уставно-бранителен дом, а на најдолен начин го прекрши уставот и не ја испочитува волјата на народот искажана на референдум. Прашањето за името е всушност „планот Б“ кој треба да не внесе во состојба на конфузија која во вакви услови нема да вроди со плод туку уште повеќе ќе го внесе Македонскиот народ во апатија. Да не дозволуваме да бидеме дефокусирани од суштинските теми и да си дадеме шанса да избереме, не да ни наметнат избор, за да можеме потоа да се посветиме на клучните национални прашања.

И се така до 12-ти Април кога ќе заврши оваа Голгота, а за да ја сочуваме нашата ментална хигиена од политиката на Заев и СДС која е многу потоксична од отпадот кој ни го увезуваа.

На денот на Св.Јован Златоуст

Колумна на Вонреден професор д-р Оливер Андонов