Се подготвував да напишам една колумна во областа на безбедноста и „успешната“ трансформација на безбедносните служби во Македонија, а секако во научен стил поткрепен со незаобиколни факти за реалната состојба, кога не било речено. Истрча еден „пациент“ и на сите нас, на ним и на тие надвор и внатре (во салата и државата и надвор од неа), без тајни (no mor sikret – на нормален англиски јазик „no more secret“), ни го покажа…, лактот де каде го боли. Ете така, ништо од мојата стручна колумна од областа во која и научно работам и се зафатив со навраќање и присетување на една друга колумна. Да не звучам како еден познат на јавноста чичко кој велеше „реков и пак ќе речам“, јас на сосема различен начин ќе ве потсетам почитувани граѓани на една за нас трагична социјално-психолошка појава која го уништи организмот на Македонското општетство.
Кога во една од моите претходни колумни („Рекет“,лаги и видео ленти“ од 22.08. о.г.), начинот на кој СДС ја практицира власта, го нареков „ПАТОКРАТИЈА“ (а пред тоа и напишав и објаснив во една друга колумна што е тоа Патократија), од страна на некои мои пријатели бев критикуван за малициозност. Веројатно моите пријатели сеуште негуваа илузии ( не надежи) дека ќе се најде малку здрав биолошки и сиво-масен супстрат во редовите на СДС-то кој ќе направи завртување во последниот миг пред да бидеме заринкани и потопени како држава (како народ-нација веќе не торпедираа и некако плутаме по површината без ориентација и правец).
Во меѓувреме, очекував компетентните, психолози и психијатри, да се појават и аргументирано да ја потврдат или отфрлат мојата „дијагноза“. Поради нивниот молк ќе се обидам да ја аргументирам мојата теза.
Општествата, тоа го докажа историјата, како и се друго може да се инфицираат и заболат од разни болести. Тоа значи, за да се излекува едно општество, потребно е да се утврди точната дијагноза по што би уследиле одредени социолошки третмани , а се со цел болниот да се излекува. Во право беа моите критичари, во моментот кога ја пишував колумната беше состојба на психопатија (на поедини лица во власта, а според најновото научно дефинирање социопатија), коja многу бргу се трансформираше, со видливи симптоми, во ПАТОКРАТИЈА. Имено, за жал проблемот со психопатијата е тоа што во одредени ситуации можеме да ја вгнездиме во групата заразни болести (посебно во круговите на носителите на власта кои лесно се инфицираат). Па така „благодарение“ на личните слабости, може да бидат прифатени некои карактерни особини, начин на размислување и однесување од одредени „нормални“ лица. Поточно тоа е во обратно пропорционален однос со нашиот (политички) имунолошки систем.
Да се разбереме, ништо ново, светската историја има детектирано лица психопати – лидери на држави, цареви, имперсотри, генерали, адвокати, судии, обвинители, доктори. Потсетете се на фасцинантниот д-р Ханибал Лектор од оскаровскиот „Кога јагнињата ќе стивнат“.
Да резимираме, станува збор за опсесивна потреба да се наметне својата волја, ставови, идеи (поточно речено илузии) на другите, со цел тие други да бидат контролирани. Овде веќе започнува ПАТОКРАТИЈАТА, како первертиран систем на практицирање на власта.
Но, за да имаме сигурна дијагноза, заради користење на соодветна социо-терапија, ќе се послужам со ставовите на д-р Роберт Харе и неговата „Чек-листа за проверка на психопатија“, за да можете да ја препознаеме психопатијата како фундамент на „ПАТОКРАТИЈАТА“, или поедноставено на Македонската општествена реалност. Така, д-р Харе класифицира-детектира:
Грандиозна нарцисоидност-надмен поглед на своите способности, препотентност, суета, самоувереност и фалбаџиство. Арогантни лица кои веруваат дека се супериорни во однос на останатите.
Патолошко лажење-измамници, лажливци, подмолни, бескруполозни, манипулативни и нечесни.
Недостаток на покајание или чувство за вина-недостаток на чувство или рамнодушност кон загубата, болката или страдањата на жртвата,(во нашиот случај на Македонскиот народ) недостаток на било каква емпатија.
Паразитски lifestyle (животен стил или однесување во опптеството)-намерна манипулативна, себична и експлоататорска (рекет) финансиска зависност.
Неконтролирано однесување-нетрпеливост, закани, агресивност или вербална навреда, без контрола на гневот и темпераментот. (по принципот на „мало сутра“ пропратено со говор на телото и фацијални експресии, заради „уметнички дојам“ врз публиката)
Бесчувство и недостаток на емпатија-ладни, лицемерни, безобѕирни, безобразни и нетактични (..„ќе јадеме живи луѓе“.., а доколку се случи да остане на власт ќе можеме да се увериме во канибалистичките стратсти ).
Недостаток на реални долгорочни цели-неспособност или постојан неупех во определување и реализација на долгорочни планови и цели, бесцелност, недостаток на животен правец. (од овде е желбата барем формално искажано да се биде „На Прав пат“, а дали е така и каде ќе се стигне не е важно)
Неодговорност- не се во состојба да ги исполнат или испочитуваат своите обврски (буквално преведено, предизборни ветувања, како на пример 500 евра плата или 100.000 денари плата за докторите).
Неспосоност за превземање одговорност за сопствените постапки-како резултат на недостаток на совест, антагонстичка манипулација, негирање на својата лична одговорност, обид да се манипулира, некој друг е виновен за неуспехот.(Нема оставка! Празни ветувања!)
Криминална разноврсност-разни видови криминални дејанија и престапи, чувство на горделивост кога неказнето се извршат и завршат криминалните дејанија (аболиција, ослободување од видлива и законски докажана вина за примање и барање поткуп и др.).
По пополнувањето на оваа чек листа, ми се присторува дека оние во лудниците се заштитени од лудилово во кое живееме НИЕ наводно „нормалните“. Во воздухот лебди злокобното Шекспирово „To be or not to be“.
Секое препознавање и идентификување со посочените симптоми, кај одредени лица од власта е со намера, а со цел да ја препознаеме ПАТОКРАТИЈАТА која е присутна на секој чекор во општеството.
Конзилиумот од меѓународни лекари со суб-специјализација – општествено живеење, дојде до заеднички став дека единствена можност да му се помогне на болниот е врз него да се примени „ШОК ТЕРАПИЈА“. Историјата на болеста и емпиријата ни дава за право да утврдиме дека секоја „placebo“ терапија за кратко време ќе го “exitusletalis”(смрт-умртви)пациентот – државата.
Поради ова потребно е да се превземе „ШОК ТЕРАПИЈА“ во период од шест месеци, па некаде околу 12.04.2020, може со сигурност да се очекува заболеното општество да покаже знаци на заздравување и да се премине кон интензивна нега за брзо и потполно опоравување.
Колумна на вонреден професор д-р Оливер Андонов