понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ДРЖАВЕН НЕПРИЈАТЕЛ БР.1

ДРЖАВЕН НЕПРИЈАТЕЛ БР.1

Одамна се зареков да не бидам хроничар на дневно политичките настани во оваа, веќе не знам како  се нарекува, земја. Таа должност им ја оставив на многубројните „анализатори“. Но, еден настан ме трогна до толку што морам да го забележам. Станува збор за културен настан, но како и се друго во државата Македонија влијанието на политикантите беше забележливо, па го ставив во групата дневно-политички случувања.

По сугестија на мој драг пријател бев на концерт во Штип. Не било каков концерт, за овој се бараше карта повеќе, што дополнително ме заинтригира. Наместо еден организаторите направија два концерти во еден ден. Стоп! Пред да продолжам, да расчистиме нешто, не беше тоа концерт на Цеца, Брена, Лукас или некоја друга „ѕвезда“ од, за некои никогаш непреболената, ЈУ естрада чие задоволство нашите мудреци го плаќаат по 100 илјади евра. Ова беше, за мене, најубавиот концерт на кој некогаш сум присуствувал – Новогодишен концерт на ДСМУ „Сергеј Михајлов“. На два концерта во четири часа беа присутни над 1500 гледачи, респектабилна-недофатлива бројка за многу наши естрадни уметници, да не зборувам за политиканти.

Пред, некогаш преубавото здание, „Домот на културата“ маса на луѓе, на минусна температура, стрпливо чекаше да влезат. А внатре, да не беше жално можеби и ќе се насмеев, со неколку калорифери нашите културни ентузијасти се обидуваа да ја донесат до подносливо внатрешната температура. Невозможна мисија, гледачите останаа замотани во капути , шалови и капи. Да се гледа виенскиот бал во капут!? Но, го прифатив тоа како дел од нашата егзотика. Сцената, украсена од учесниците, преубава! Макар што ме врати во времето кога сами ја украсувавме бината за нашите училишни представи и ме потсети на времето кога и во Куманово основното музичко училиште „Панче Пешев“ организираше слични новогодишни концерти за кои одамна не сум слушнал дека се уште егзистираат. Но, тоа беше во минатиот век, или….

Започна концертот! Види чудо, не се слушна ниту еден телефон! Публиката се однесуваше достоинствено, прифаќајки го концертот како и „виенскиот бал“. На сцената четири снегулки, лебеди, мали балерини на возраст не повеќе од 7-8 години, на звуците од феноменалниот оркестар изведуваа пируети и други балетски форми за дополнително да ни ја дешифрираат музиката која се слушаше. Студено! Можеби! За нив тоа беше настан па студенилото и не го забележуваа, како впрочем и сите останати 200 учесници, сите на основна и средношколска возраст. Облечени во пригодна тоалета, сепак станува збор за концерт на класична музика. Впрочем како може да им биде студено на само минус 2? Знаат ли Тие, или можеби нивните родители треба да им објаснат, на колку минусни степени Бошко Буха се тепал со (не сум сигурен кој термин е дозволен) некои бандити. А, нашиот ни драг Премиер е токму тоа Бошко Буха. Тој се грижи за сите нас и се тепа за сите нас или со сите нас беше? Додека тој славно крвари, овие „неблагодарници“ не можат да истрпат неколку часа на студено. Дополнително подговараат дека нужниците биле затворени, расипани немало хартија. Па доколку Бошко Буха ги бараше тие благодети, никогаш немаше да дојдеме до овде, да ја дочекаме светлата ни иднина. Некој безобразник се дрзна да подшепне нешто и за 100 илјади евра дадени на некој, кој што ќе пеел за нова година во Скопје. Некој? Не е било кој, тоа е „ѕвездата“ со чии песни израснал нашиот градоначалник, и сега некои таму од некоја паланка кои се толку безобразни да дишат чист воздух, ќе наоѓаат маани. Секој има право да си го исполни својот детски сон. Па и препознатливиот градоначалник!

И токму кога сите со жал очекувавме да заврши прекрасниот концерт, на сцената се појави уште една ѕвезда, колку да го заокружи соѕвездието на сцената, Симон Трпчевски. Ви зборував дека народот ќе изроди херои, се појави човек кој го надополнува нашиот „ќуп на мудроста“. Трпчевски, во само нему познат, манир на „наш човек“ скромен одржа неколку минутен говор кој верувам уште долго ќе се прераскажува по штипските улици, а богами и пошироко. Коментарот кој се шепотеше беше „Ама им го плесна!“. Но, тој скромно само ни ја тргна пајажината од очите, со лесен сарказам посочи дека сите сме замрзнати (можеби и во времето) и во такви услови невозможно е да се свири. Ни зборуваше како се вратил од концерт во Узбекистан каде имало Македонци од БЕЛОМОРСКА Македонија, кои таму се одселиле од како биле прогонети од Грција!!! Да, да тоа го кажа, без грам срам и перде на устата! Каде живее човекот! Па Ние овде три години потрошивме, со многу енергија, да го „убиеме“ Македонецот, а тој…  И дополнително, рече дека на образованието и културата не се штеди. Веројатно мислеше како ниту Бошко Буха не штеди на култура и образование, но не дообјасни на чија (не)култура и (не)образование. За крај рецитираше песна од „Македонскиот“ поет Блаже Конески за некое „Зимско утро“ со алузија на Пирејот и постојаното опстојување на Македонскиот народ. Колку неодговорно од една таква ѕвезда, неблагодарна, па Ние го „ослободивме“ (бркајќи го од работа) од ангажманот во Музичката академија, за да има повеќе време да шета низ светот, а тој така се заблагодарува.

Великиот Симон се придружи на оркестарот и на стариот клавир одсвири прекрасна композиција, публиката на нозе го пречека и испрати нашиот Македонски херој. Одамна немам почувствувано таква енергија, вознес кај околу 700 луѓе, неверојатно, прекрасно чувство. Жалосно што овие млади луѓе не се уметници па да добијат некоја донација од Министерството за култура, не верувам дека знаат да испеат барем една песна за големите херои на УЧК. Не се „Шверцери“ за да им се отстапи МНТ. Ниту пак знаат да поправаат пегли, за да добијат средства од фондот за иновации, а секако далеку не се и од антологиите на српската турбо-фолк естрада, не би можеле на плоштадот да одсвират песна ниту за една чашка ракија, не пак за донација, поддршка или некој политички поен…

Македонската култура – Државен непријател бр.1

П.С.

На состанок на воениот кабинет на Винстон Черчил, се зборувало за ребаланс на буџетот за да има повеќе финансии за војската. Се јавил Министерот за култура и понудил од буџетот за култура да се префрлат пари во буџетот на одбраната, бидејќи во тој момент, според него, одбраната на Англија била побитна од англиската култура. Големиот Черчил му одговорил – Па за што тогаш ќе војуваме?

Вонреден професор д-р Оливер Андонов