понеделник, 6. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ИМЕТО Е НАШЕТО ДОСТОИНСТВО И ЧЕСТ

ИМЕТО Е НАШЕТО ДОСТОИНСТВО И ЧЕСТ

За сите оние што не ги разбрале до крај моите ставови во врска со името, или имаат некаква дилема во однос на некои делови од моите лични решенија за тоа како да се надмине проблемот со преговорите и менувањето на нашето име ќе направам уште еден обид за целосно разјаснување на концептот.

Многумина од вас ми се обратија лично или на друг начин со барање да го напишам излезното решение од капитулацијата која ни ја подготвува Заев веќе утре или задутре.

  1. Веќе објаснив, но еве пак ќе повторам. Заев НЕМА ПРАВО НИТУ ИМА НАДЛЕЖНОСТ согласно нашите важечки прописи во земјата да склучува меѓународен договор за промена на нашето државно и национално име. Таква надлежност, такво право НЕМА НИКОЈ ВО ДРЖАВАТА, ОСВЕН СУВЕРЕНИТЕ ГРАЃАНИ!
  1. Оттука, секој евентуален меѓународен договор што Заев ќе го склучи со Ципрас, а ќе содржи промена на нашето државно име ЌЕ БИДЕ СПРОТИВЕН НА УСТАВОТ НА РМ, но како што во неколку наврати сум потенцирала до сега таквиот договор ќе биде спротивен и на меѓународното право.

Со меѓународен договор НЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОНИШТИ НАШЕТО меѓународно загарантирано ПРАВО НА САМОИДЕНТИФИКАЦИЈА и правото на самоопределување како ќе се викаме, кое државно име ќе го имаме и каков ќе биде нашиот правен субјективитет и идентитет како држава!

За JUS COGENS норми кои имаат апсолутен карактер и заштита во меѓународното право и кои не смеат да бидат менувани или толкувани на поинаков начин од оној што е утврден во меѓународното право, ЗАБРАНЕТО Е ИСТИТЕ ДА БИДАТ МЕНУВАНИ СО БИЛАТЕРАЛНИ ИЛИ МУЛТИЛАТЕРАЛНИ ДОГОВОРИ!

Jus cogens нормите и правилата се непроменливи и апсолутни!

  1. Со оглед дека таквиот евентуален меѓународен договор ќе биде подготвен и потпишан спротивно на Уставот и на меѓународното право, истиот НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ РАТИФИКУВАН во Собранието на РМ, бидејќи пратениците се должни да работат во согласност со Уставот на РМ и со ратификуваните меѓународни договори. Пратениците нека ја прочитаат Повелбата на ООН и нашиот Устав пред да одлучат како ќе гласаат!  Доколку пратениците го изгласаат законот за ратификација на меѓународниот договор, тој закон не смее да биде потпишан од претседателот на Републиката, г-дин Ѓорге Иванов. Постапувањето спротивно на Уставот и на меѓународното право носи КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ ЗА СИТЕ ИНВОЛВИРАНИ ВО СЦЕНАРИОТО!
  1. Во однос на најавениот референдум од страна на Заев ќе повторам дека лично СУМ ПРОТИВ НЕГОВО ОДРЖУВАЊЕ бидејќи ова прашање навистина не заслужува одговор! Граѓаните ќе бидат омаловажени, деградирани и ставени пред свршен чин да гласаат за сопствената капитулација како народ и како држава што е недемократски и недостоинствен чин, чин кој длабоко ги навредува нивните чувства!

Со оглед дека името на државата НЕ Е ВО СОПСТВЕНОСТ НА ГЕНЕРАЦИИТЕ кои во моментов имаат право на глас, туку името им припаѓа подеднакво и на сите генерации што се уште немаат право на глас, но и на идните неродени деца, НИЕ НЕМАМЕ ЕКСКЛУЗИВНО ПРАВО, ниту ексклузивна можност да одлучуваме за каква било негова промена, без разлика која и да е причината за таквото нешто! Ако спротивно на наведеното Заев сепак одлучи да го распише референдумот, потребно е истиот масовно ДА ГО БОЈКОТИРАМЕ за да нема излезност и за да не успее. Бојкотот не треба да биде во организациска смисла бидејќи ќе ни бидат потребни будни луѓе на секое избирачко место кои активно ќе ги набљудуваат сите неправилности и евентуални полнења на кутиите од страна на власта за да го направат референдумот  успешен на сила, како што се им помина на сила! Мора сите да бидеме на терен за да ја пратиме состојбата! Нема да гласаме, но ќе бидеме будни и ќе реагираме на секоја неправилност!

  1. Секое евентуално одржување на референдум за промена на името поради влез во некоја меѓународна организација е повторно замајување на јавноста со оглед на фактот дека почеток на преговори со ЕУ не значи ништо повеќе од еден обичен технички процес на започнување официјални разговори со РМ за состојбите во 35. поглавја што се наведени во извештајот на ЕК.

Почеток на преговорите НЕ ЗНАЧИ И ВЛЕЗ НА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ!

  1. Треба да се напомене дека алтернативи за моменталната состојба има и од секогаш имало! Меркел уште во 2004 година ја отвори можноста за склучување на договори за привилегирано партнерство со земјите од Западен Балкан, договори кои можат да ни донесат бенефити за државата, а кои не бараат едногласност на сите земји-членки при нивното склучување. Ова би значело 100% одбегнување на ветото од Грција, и вклучување во привилегираното партнерство веднаш во областите кои нам како држава најмногу ни одговараат.

Во однос на  НАТО она што намерно не се кажува е фактот дека и сега Македонија е партнер на НАТО, со склучен партнерски договор за мир уште во 1995 година!

Во 1999 година Македонија го потпиша Акцискиот план за членство. Нашата држава активно, со свои војници ги поддржува НАТО мисиите во Авганистан и на Косово, како и работи со оваа алијанса во многу други држави во светот.

Од друга страна, членството во НАТО НЕМА ДА НИ ДОНЕСЕ СВЕЖИ ПАРИ како што некои се надеваат. Ниту е гаранција за внатрешна стабилност на земјата! Напротив, ние ќе треба да даваме пари од нашиот буџет за потребите на НАТО и на армијата на државата, а едновремено ние ќе бидеме одговорни за санирање на некои внатрешни штети кои евентуално би настанале на безбедносен план!

  1. Од сето горе наведено може да се заклучи дека промената на името не смее да се тера по секоја цена, дека ако некои политичари се лично уценети заради свои криминали или други штетни дејствија за тоа  ТРЕБА ДА СИ НАЈДАТ ДРУГО ЧАРЕ, ДРЖАВАТА НЕ СМЕАТ ДА ЈА КОРИСТАТ КАКО ЗАЛОЖНИК НА НИВНИТЕ КРИМИНАЛИ!

Менувањето на името по секоја цена е КЛАСИЧНА КАПИТУЛАЦИЈА на еден народ кој МОРА ДА ГО ДИГНЕ СВОЈОТ ГЛАС ПРОТИВ ваквите уцени и недостојни притисоци и мора да се избори за стопирање на овие штетни процеси преку наметнување на своја победничка стратегија! Народот НЕ Е УЦЕНЕТ, народот не направил никакви криминали, народот не сака да ја плаќа цената на криминалните и полтронски политичари, народот заслужува да се заштити неговото достоинство и чест, а сите проблеми со соседите да се решаваат на партнерски и рамноправен начин, без омаловажувања, без потценувања и негирања на нашата историја, сегашност, иднина!

 

Професор д-р Тања Каракамишева-Јовановска