недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

 Од дневникот на Гроф Сен Жармен

 Од дневникот на Гроф Сен Жармен

„Скопје убав град, помалку личи на фото-копија од Париз, има и Музеј на восочни фигури исто како нашата Мадам Тисо во Лондон, но не е за замерување, тоа претходно го направија и Виена, Санкт-Петербург, Берлин и многу други, можеби како наследници на Александар Македонски имаат право, горд и гостољубив народ.

Нереди во парламентот, асоцира на падот на Бастиља, насилно октроирана нелегитимна племенска влада, премиер докажано корумпирана и аболицирана личност. Сето ова ме подсетува на француската револуција, јакобинците ја окупираа државата. Ова нема да донесе ништо добро. Ad absurdam!

Низ целата територија плантажи на марихуана, нема дозвола од ЕУ, ова заличува на Колумбија. Очекувам да се случи некој балкански Вудсток. Faire l’amour, pas la guerre!

Судот го ослободи Премиерот (истиот оној кој еднаш веќе беше аболициран во минатото), наспроти, по налог на судот, со посебни мерки обезбедената видео документираната корупција. Премиерот се однесува како нашиот Луј „Крал на Сонцето“. L’État, c’est moi!

Ноќеска повторно убиство, не знам кое по ред и сите нерасчистени, возила се палат секој ден, local staff ми вели дека сетоа тоа било дел од народниот балкански фолколор, мене пак ми заличува на Палермо од раните 70-ти.

Денес имаше свечено пуштање на неколку километри автопат и еден тунел, не знам дали некаде сеуште тоа се прави така свечено. Но, овде се завршува со како што велат, а и видовме на дело – зурли, тапани, ора и чучеци. Никако не можев да разберам зошто е тоа потребно кога автопатот го направи претходната влада. Како што не можам да разберам дека автопат не се пушта во употреба бидејќи го направила претходната влада. Мisérable!

Името го сменија, овие не се нормални, се однесуваат кон својот идентитет како некое диво племе во Африка. Oh mon cher, quel imbécile!

Денес го осудија поранешниот премиер бидејќи во новото возило, купено за него, ќе се возел. C’est fou!

Денес ме разбуди неподнослива врева, oh mon dieu, ги брусат канализационите шахти, бидејки на нив имало апликација сонце. Je ne peux pas y croire!

За секоја глупост си велам дека тоа е врв, но овде очигледно Ајнштајн ја создал неговата позната сентенца „Само вселената и глупоста немаат граници – за вселената и не сум баш сигурен.“

Премиерот разговарал цела една година со руски пранкери, неговите поданици смислуваат најразлични шеги за неговиот интелектуален капацитет, го нарекоа IQ33, цела Европа се смее, се повеќе ми заличува на КЛОВН. Non, ce n’est pas possible!

Никако не можам да ги разберам локалните еуфемизми, пример:  „рекет“, тениски реквизит кои овде е еуфемизам за корупција на власта. Денес се случи афера „рекет“, и тоа не од било кој туку од највисоко поставената (вон Устав) обвинителска институција во државата, Специјалниот Јавен Обвинител. Во Франција за ова во истиот момент ќе паднеше владата, ќе заминеше претседателот на судот, како и целокупниот врховен судски и обвинителски естаблишмент, да не зборувам колку граѓани ќе беа на улиците. Овде… овде народот продолжува како ништо да не се случило, Власта нормално функционира, на социјалните мрежи се смислуваат разно-разни вицеви за специјалната обвинителка, претежно со алузија на нејзините физички карактеристики. Vive le théâtre, la mort des acteurs!

Се почесто се наогам затечен како по улиците ги барам оние храбри мажи на Анри Пози од неговата „Војната се врака“, од кои Европа се тресеше на почетокот на 20-от век, но не можам да ги пронајдам. Затоа пак, сега го разбирам одговорот на Клемансо на Вилсон и извештајот на маршал Фош.

C’est la vie!“

Секоја сличност во дневникот на Грофот со актуелни лица во Македонија кои себеси можеби ќе се препознаат е намерна и историски докажана и точна.

Време е за избори, демократски и слободни за да се согледа капацитетот на Македонските граѓани и да се негираат наводите во извештајот на маршал Фош. Да и покажеме на Европа дека сме зрела и напредна нација за почит и народ кој може да има своја стабилна држава. Одлуката е наша, а не на Европа, бидејќи ние ќе гласаме на 12-ти Април 2020 година за иднината и обновата на нашата Македонија.

П.С. (Јануари 1925 г.) Извештај на Маршал Фош до „Дузием биро“: „.. навистина, Македонците решија да се разликуваат од своите соседи, но, за жал, презедоа од нив повеќе слабости отколку квалитети, … “ (за читателите кои ги интересира извештајот на маршал Фош и кои негативни карактеристики сме ги презеле од своите соседи, оставам простор самите да истражат и бидат љубопитни.

Колумна на Вонреден професор д-р Оливер Андонов