Во оваа време – невреме, во самото предвечерие на предвремените парламентарни избори на 12-ти Април, можеме да видиме на дело два различни политички концепти кои ќе се борат на изборите. Не дека овие концепти не ги гледавме и во минатото и не дека тие не беа спротивставени што е сосема нормално во демократските општества, но сега тие ни даваат нова светлина.
Проблемот не е во двата различни и спротивставени политички концепти, тие суштествуваат во сите држави, проблемот е во политичката коректност односно во случајот на Македонија некоректност.
Новата светлина која ја даваат покажува дека концептот на СДС олицетворен во ликот и (не)делото на Заев е всушност оној стариот „комуњарски“ концепт од периодот по Втората Световна војна. При тоа, на дело гледаме вулгарен обид за ставање под контрола на се во државата, на прво место обвинителството и судството, а потоа со особен интерес и успех и на финансиските текови и бизнисот. Токму така, Заев свесно влезе во играта да ја контролира Македонија и тоа мотивиран единствено и покрај лукративните цели со спасувањето на својата кожичка. Еднаш не така одамна напишав во една моја колумна во самиот наслов реторичко прашање: „Кој ќе му суди на Заев, а кој на Катица“?
И еве дојдовме до одговорот, на Катица ќе и „суди“ Заев и неговото судство и обвинителство, а на Заев ќе му пресудиме сите ние на 12-ти Април.
Додека Заев глуми политичка коректност и „невинашце“ што би кажале Кумановчани во говорот на телото со раката на гради „душа ми треба, ако л‘жу“, неговиот подмолен истурен играч Спасовски подготвува терен за манипулации и тоа исто така политички коректно. Тука лежи замката во која треба да паднеме сите ние, а тоа е лажната слика за политичка коректност што сака да ни ја создаде СДС, а потоа да може лесно да манипулира.
Како член на техничката влада пред парламентарните избори во 2016 година имав можност од близу да гледам како Спасовски од позицијата технички Министер за внатрешни работи функционира. Да да функционираше и тоа исклучиво партиски за остварување на целите на СДС поврзани со нивното доаѓање на власт. Токму тоа што и сега го прави. Како министер, Спасовски заедно со другарчето му Заев го „уценуваа“ ВМРО-ДПМНЕ дека повторно ќе одбијат да одат на избори доколку не им се задоволат нивните барања за дејствување во МВР на прво место. Заради овие барања ВМРО-ДПМНЕ правеше максимални отстапки дури и преседани, а се со цел да се биде политички коректен и да се задоволат барањата на опозицијата, односно на СДС, во надеж дека СДС нема да ги бојкотира изборите и дека нема да се жали на не фер изборен процес кога ќе изгуби. Како што и изгуби.
Од оваа временска дистанца можеме да анализираме и бараме оправдување или не оправдување за тогашното „меко“ политички коректно однесување на ВМРО-ДПМНЕ, но што и да кажеме мора да имаме пред вид кои сѐ околности имаа влијание врз оваа однесување, но и да ја знаеме политичката матрица и идеологија на ВМРО во однос на Македонија и Македонскиот народ.
Тоа што не ме изненадува денес, е токму однесувањето на СДС и Спасовски како технички премиер. За мене ова однесување е очекувано со оглед на искуството кое го имам со Спасовски и како против правно во тој период поставуваше лица во МВР за што постојат и судски пресуди на Управниот суд во Скопје. Покрај ваквото однесување на Спасовски, тогашниот технички премиер Димитриев не ни помисли да предложи негово разрешување или да предизвика дополнителна криза, и секако успеа да ја задржи максималната политичка коректност. Таков беше односот дури и кога беа во прашање „двојните потписи“ како и однесувањето на полициските службеници поставени од Спасовски на 15-те раководни позиции, дисциплинските комисии кои Спасовски ги смени веднаш по своето доаѓање, па се до и тогаш актуелното прашање за „Гесеке“ (набавката на обрасци за лични документи) кои Спасовски ги саботираше и тоа намерно со цел да предизвика недоверба кај граѓаните и креира вештачка криза. Нешто слично што и денес го прави. Има една поговрока која вели: „Старо куче нови финти не учи“.
Врв на политички коректната глума на Спасовски беше неговата директна координација со Катица во однос на упадот во тогашната УБК (познатото „отвори-отвори“ пред капијата на МВР), завереничкото криење на состаноците со Катето и тоа се со цел да се влијае врз обвинителството до степен на заедничка координација на политичките чекори-прогони поддржани од СЈО. Секоја сличност нели со актуелните влијанија врз обвинителството и судството што деновиве ја гледаме од страна на Заев е сосема случајна.
Не прави Спасовски ништо случајно. Тоа што тој го прави од позицијата технички премиер заедно со неговиот ментор Заев претставува добро обмислена работа за деструкција и пред се за политичка некоректност преку која пред граѓаните се покажува моќта на властодршците. Тоа е суптилно насочување на гласачите кон перцепцијата „кој е овде главен“, а згора на се да се потсетат граѓаните „кој има контрола над судството и обвинителството“, во крајна линија прашањето за размислување е:„дали тоа Заев и Спасовски и СДС ни кажуваат дека се неприкосновени господари на нашите животи“?.
Токму затоа беше разрешена колешката Мизрахи, заради реализација на стратегијата за „добивање“ на изборите преку нејзино оневозможување да ги разоткрие криминалите поврзани со областа на трудот и социјалната политика која вклучува директно влијание врз многу чувствителни и доста големи целни групи.
Планот на Заев е и тензијата и максималната политичка некоректност за изгласување на Законот за ЈО, покрај личните интереси кои ги има во рамките на овој закон, а што можевме да видиме од последната таканаречена „бомба“.
Очекувам дека до изборите на 12-ти Април ќе се наслушаме, а и нагледаме многу од репертоарот на политичката (не)коректност и (не)вештото глумење на Заев. Но, што правиме друже Заеве доколку ВМРО-ДПМНЕ по сугестија на загрижени граѓани објави уште некоја бомба, можеби нуклеарна? Не верувам дека твојата политичка коректност ќе те присили на само повлекување токму во очи на изборите, ти тоа никогаш не си го направил, според добрата стара навика ќе мамиш, лажно ќе ветуваш, ќе измислуваш, ќе продаваш и распродаваш до последниот час, до последниот здив.
Токму затоа последниот глас е гласот на граѓаните на Македонија. Да го кренеме нашиот глас и да ставиме крај на една измамничка, анационална и криминална власт.
Познавајќи ја политичката и менталната матрица на Заев, но и на Спасовски, нема да бидам зачуден доколку во овој пар на соништата од СДС, Заев биде ставен во улогата на македонски Санадер или …
На денот на Св.мч.Ѓорѓи Кратовски
Вонреден професор д-р Оливер Андонов