Во последниве неполни пет месеци, односно по завршувањето на претседателските избори (за време на кој сите молчеа во однос на глупостите на власта, како премолчен „џентлменски“ договор), оваа власт, ако воопшто така може да се нарече лукративно – манипулаторска дружина која владее со Македонија, доживеа и за жал преживеа пет мега скандали. За само еден ваков и можеби и многу помал скандал во нормални демократии паѓаат влади.
Но, очигледно ние не сме нормална држава и демократија, бидејќи овие пет мега скандали (во просек по еден на секој месец) не допираат до Левијатанот. Тоа е очекувана реакција негова и на неговата дружина, па така не помагаат ниту сведоштва, ниту свиркачи, се сѐ сведува на симулации. За жал симулациите на демократијата во Македонија се наше секојдневие и се во политичкиот живот на Македонија се одвива по една сентенца од времето на почетокот на распадот на СФРЈ („… они нас као нападају, а ми се као бранимо…“).
За потсетување, бидејќи мислам дека од толкава количина политички глупости и малверзации народот наш напатен заборава на клучните случувања и мега скандали да се потсетиме:
1.Случај Рашковски или отворен обид за корупција и тендерманија во износ од „бедни“ 7 (седум) милиони евра. Навредите кон суверени држави земји членки на ЕУ не ги сметаме за сериозен дипломатски проблем на владата на Левијатан;
2.Пранк мајтапите со Левијатан, како ругање на државата Македонија и капацитетот на владата и лидерството, а преку нас и ругање на НАТО и ЕУ по принципот кого се примаат во својот клуб;
3.Аферата „Рекет“, мега скандалот со СЈО и владини „пријатели“ во кој се уценуваа бизнисмени и обвинети од СЈО за „ситни“ 1,5 милион евра;
4.Аферата „Рекет-2“, бркање на странски инвеститор, рушење на здравствениот систем во Македонија и нанесување на штета на граѓаните за „никакви“ 11 (единаесет) милиони евра;
5.Сведоштвото на Верушевски и дефинитивното разобличување на погромот во режија на Левијатан наречена „вистината за Македонија“, која беше безочно лажење заради остварување на ниски политички страсти.
Само еден од овие мега скандали е доволен да падне оваа влада или опозицијата да преземе цврсти и радикални чекори за нејзино уривање. При тоа, нема да зборуваме за сите „ситни“ и попатни, секојдневни глупости, измами и криминали кои оваа влада на СДС ги прави. Нема потреба од свиркачи кои на некои портали ќе им „кажат“ дека некој од семејството на пратеник, министер или директор од власта прекршил закон, бил насилен, се заканувал и слично. Веќе е премногу и со овие пет мега скандали.
Зарем не е преполна чашата и не е доволно јасно зошто Заев дојде на власт, пардон, беше доведен – октроиран на власт. Очигледно е дека менторот барем малку веруваше дека Левијатан нема да биде немирен и дека ќе биде под контрола, но кога тоа во однос на криминал и кражба на државата СДС бил под контрола, кога единствената идеологија за доаѓање на власт им е како да направат (читај украдат) пари.
Последното сведоштво на Верушевски (оние нарачани сведоштва од ОЈО и СЈО за политички прогон не ги сметам за релевантни и спаѓаат во категоријата на човечко ѓубре без морал и достоинство), покажа дека Заев добро знаел што има во рацете (мислам на нелегално снимените материјали од 2014-2015), но манипулирал и лажел со содржината употребувајќи ја на најмизерен начин за остварување на политички цели. Ова е еклатантен доказ за една психичка (ментална), етичка и човечка состојба на дно, на крајна паднатост во калта во која се препелка Левијатан. Така препелкајќи се влече мнозина по себе, бидејќи патот кон пеколот е многу широк и лесно проодлив па мнозина безумно одат по Заев наместо да ја бараат вистината.
Уште во Февруари 2017 година напишав една колумна насловена како „кој ќе му суди на Заев, а кој на Катица“? Еве по две и пол години се исполни времето и како што најавив на Катица ќе и суди народот, колку и да се обидува Заев тоа да го забошоти и релативизира, бидејќи знае дека и за неговото судење и пресуда набргу ќе се исполни времето. Таа колумна не беше пророчки мотивирана, туку едноставно поради познавањето на фактите и тоа дека снимките кои во јавноста ги изнесе Левијатан со Велзевул (таткото на лагата) во манирот на баронот Минхаузен, едноставно беа „сечени, лепени и монтирани“. Страшно е тоа што во својата суштина беа насочени кон безобразна и нечовечка манипулација со луѓе кои доживеаа семејни трагедии, подоцна истите тие снимки беа дополнително злоупотребени за уништување на стотици луѓе, личности, семејства и животи. За сите овие злодела Заев мора да одговара, не само за криминалот, корумпираноста, уривањето на државниот систем на функционирање, уривање на судството и обвинителството, на крајот и за измамничко и противуставно доаѓање на власт и промена на името на државата. Во потполност се остварува Патократијата на дело со сите аномалии на менталниот ракурс кој го имаат вградено во нив како фабричка грешка.
На крајот само да напоменам уште две поенти.
Прво, за очекување е во иднина да имаме уште сведоштва и се повеќе свиркачи за злото кое го направил и кое го прави Левијатан, како и обидот на самиот Заев да опстане по секоја цена и затоа ќе се нагледаме и наслушаме лаги и глупости, но прашање е дали ќе бидеме со кратко паметење и молчешкум ќе му простиме.
Второ, не можам да ја разберам „кротоста“ на Македонските граѓани и опозициони политички елити кои мирно гледаат (ова мое и други пишувања не ги сметам за сериозен отпор, бидејќи „… лаат, а карванот си врви“) на се што прави со нацијата и државата Заев и СДС и комотно се вклопуваат во симулациите на правна држава, преговори, пописи, избори и слично.
Се надевам дека оваа сведоштво на Верушевски не е уште една симулација на двоен гамбит и безбедносна манипулација заради замајување на јавноста која ќе внесе уште повеќе збунетост кај граѓаните, за по постигнатата им цел да биде дека не биле добро разбрани. Можеби е и нивна меѓусебна пресметка за неостварени очекувања и нереализирани долгови, но тоа е нивна работа, вистината е дека се манипулира со јавноста за лични политички и лукративни интереси. Или, можеби се работи за фрлање прашина во очите на сите нас, да се забавуваме со наводната пресметка помеѓу Заев и Верушевски, а во меѓувреме обвинетите од аферата Рекет „незабележливо“ да бидат пуштени дома (во куќен притвор за почеток, а потоа и да се бранат од слобода). Манипулација и што би рекол народот мачкање очи или „мижи Асан да ти бајам“, е толку од правната држава, казнивост и одговорност и борба против криминалот, особено оној организираниот во врвот на власта и корупцијата заедно со него.
Очигледно дека колегата колумнист Сотир Костов има потполно право кога вели дека треба да се самоорганизираме во отпорот и кренатиот глас против оваа власт на Левијатан.
Покрај конкретната моја лична општествена активност во оваа насока, забележливо е упорното молчење на „демократските медиуми“ или слободни телевизии, но јас нема да престанам со пишан збор да ве потсетувам на злоделата на Левијатан и потребата од смелост и отпор. Воедно, ја потсетувам опозицијата дека постои насушна потреба да се појави на терен, да биде мобилизирачки фактор и да го предводи спротивставувањето на „политиките“ и однесувањето на Заев. Тоа може да го направи единствено доколку е помеѓу граѓаните и доколку го прошири фронтот на политичко-прагматично делување во сите општествени области со определен стратешки и комбиниран локален пристап и користење на сите ресурси и патриотски и демократски сили во Македонија. Во овие сили секако се и идните сведоштва кои отсега треба да бидат куражени да прозборат. На мислење сум дека нема потреба оваа влада да чека уште некој пораз (на пример не добивање датум за преговори со ЕУ), национално понижување или откривање на уште некој мега скандал преку сведоштво или свиркање.
Времето им истече и на Велзевулот на Македонскиот народ – Заев и на неговата СДС, требаше да заминат уште вчера.
Оливер Андонов