понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Волшебници

Волшебници

Времето си одминува и се троши. Тоа е најскапиот ресурс кои е во бесконечност и го има во изобилие „додека трае светот и векот“, но во исто време и ресурс кој кога ќе одмине не се враќа назад, а за загубеното време можеме само да жалиме и да вложуваме дополнителни напори за да го надоместиме. Така и нашата татковина Македонија и сите ние кои живееме во неа го трошиме времето дури и безмилосно ( секако ние како граѓани не по своја вина).

Претендентите на вознесот како лидери на Македонија и актуелна власт никако да восприемат дека нивниот мајтап не го троши само нашето време туку и времето на идните генерации. Поради оваа состојба Македонија доцни зад западните земји, а последниве 3 години сериозно задоцнува и зад нашите соседи. Затоа да не се лутиме на Французите што сме во групата со Албанија, како што сме тргнале може да останеме и без група како што веќе останавме без име и идентитет.

Кога зборуваат за сигурен датум за преговори, Заев и компанија лукративци во ДОО СДС мислат на некоја неодредена формулација дека датумот за преговори ќе ни биде даден во Јуни 2020 или во најдобар случај дека во Јуни 2020 година ќе се одржи заедничка седница на владата со ЕУ што ќе означи почеток на преговорите.

Веројатно, по недостоинствениот влез во НАТО со промена на името и идентитетот чии последици сега ги чувствуваме, но и допрва ќе ги почувствуваме посилно, Заев мисли дека во ЕУ ќе не примат (за жал кутриот тој под добивање датум за преговори мисли дека е прием во ЕУ) со помош на магии и трикови, како со волшебно стапче „нашиот волшебник“ да сака да го скокне празниот простор-времето и „хокус – покус“ Македонија во ЕУ.

Страшно е што човекот не смета сите за будали па така и резонира дека со волшепство се стигнува во ЕУ, а при тоа како урнек се има самиот себеси и неговите волшебни достигнувања во изградба на семејната империја.

Никако да разберат дека нивните волшешства и не доведоа до овде и дека еден од нивните волшебници ангажиран во безбедносните структури токму по истиот принцип час призна-час одрече и со еден замав на стапчето тоа што на очиглед на сите нас е вистината со „Вистината за Македонија“ и нивните креирани, сечени, лепени и монтирани бомби, сега станува недоразбирање и пак „пу-пу“ неважи и „чири бу-чири ба“ тоа што го гледате не е така. Овде веројатно свое влијание има и „Бугарската фатаморгана“ според она познатата „тази дупка не  е дупка“. И се така во недоглед, несериозно, енормно лажливо и трошење на времето кое барем ние овде во Македонија го немаме веќе во изобилство за да можеме да се радуваме или смееме на нивните волшепства и вадењето на зајаци од шапка.

Европската унија го гледа сето ова волшепство на Заев и СДС и колку да го „поддржуваат“, а тој безглаво трча во уништувањето на Македонската нација и државност и не спроведувањето и зачувувањето на Македонските национални интереси, дури и споменик да му изградат, во ЕУ нема да го пуштат само поради тоа што како Паљачо ќе изведува волшебнички трикови. Едноставно е, бидејќи Европа знае што бара. Тоа што го бара е повеќе од јасно за сите нас, но во исто време и очебијно дека живееме во нефункционално општество, кое е нефункционално „општество за сите“ (со исклучок на мала, мала, мала група … во СДС и околу Заев). Европа бара од нас конкретни и видливи реформи (досаден збор и формулација која веќе наизуст ја знаеме), но тоа не го бара поради себеси, бидејќи Европа и без нас функционира, туку го бара поради нас. Тоа значи дека проблемот е во нас, поточно во оваа власт која упорно со волшепства мисли да ги замае Европјаните и да се пикнеме некако на мала врата помешечки и пак недостоинствено во ЕУ. Интересен е тој ментален склоп на Заев, да со виткање кичма (негов уникатен патент применет врз грбот на сопствениот народ) влеземе во меѓународните воено-политички и политичко-економски сојузи кои се на ниво на глобални актери, потценувајќи ги истите и навредувајќи им ја интелегенцијата и дипломатската и историска меморија. Од тука понатаму ништо не го интересира, затоа што ова му е насушно потребно за да има со што да се „пофали“ во претстојната предизборна кампања.

Кога веќе ги потроши сите зајчиња од шапка, сите карти од ракав и сите стари и изветвени волшепства единствено му остана помешечки да се спростре (при тоа ќе сака најпрво нас да не спростре, бидејќи „што се сто стапа по туѓ грб“) и некако да се пикне во ЕУ па дури и со датум за датум за почеток на преговорите, со што ќе прогласи победа, визионерство, демократски капацитет, успешност во сите полиња, едноставно ќе блеска од калта во која не бутна сите.

Имајќи пред вид дека добивањето на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ не значи и полноправно членство во ЕУ (впрочем, Турција веќе 30 и повеќе години има датум за почеток на преговори па се уште не е членка на ЕУ), а дека и преговорите ќе бидат мачни и веројатно долготрајни, што поради нас самите, а што поради најавените сопки и будалесување од страна на Бугарија и Грција, а за што повторно сме си самите виноивни, за полноправно членство малку ќе си почекаме. И, повторно Заев е виновен, бидејќи поради неговата лоша проценка, немање стратегија, не вклучување на опозицијата во процесите и не слушањето на волјата на народот, заглавивме во меѓупростор и сега чаре, удолу длабоко-угоре високо. Не помагаат тука волшепствата на Заев, Верушевски и компанија, па затоа виновна е опозицијата, виновна е Венецијанската комисија поради нивниот обид за волшепство и алхемија со Законот за јазиците, виновен е Груевски од Будимпешта затоа што пишува постови, виновен е Цацко или месечевите мени кои влијаат врз сексуалниот живот на полноглавците во Македонската политика кои се вознесуваат во улогата на власт, а поради што јадните не можат да направат ниту еден плански, обмислен и долгорочен чекор од интерес на Македонија и македонските граѓани, туку постојано не заглавуваат со нови и нови глупости. Глупости кои дополнително ќе ни го трошат времето кое го немаме за да излеземе од нивните дубари и волшепства, а кое за волја на вистината ќе се обидуваат да ни го наместат нашите стратешки паретнери – САД и тоа трудејќи се „од петни жили“ да не извлечат од калта во која не втурна Заев (за жал и САД ги испрска со таа кал). Затоа и ставот на Макрон е оној истиот каков што беше одговорот на Жорж Клемансо кој му го даде на Вудроу Вилсон во однос на четиринаесетте принципи на Вилсон предложени на Париската мировна конференција. Ова е само потврда дека политиката има долго паметење и не се случува од денес за утре како што си мислат нашите полноглавци властелини, туку е геополитичка игра со вековна меморија. Сериозни држави имаат континуитет во политиката на заштита и реализација на националните интереси. Стрпливо ја градат својата позиција за спроведување на политиката и реализаицја на националните интереси играјќи на факторот време во своја полза движејќи се кон својата цел чекор по чекор, стапка по стапка со утврдена долгорочна стратегија, а не како нашите недоветни кој „спорови“ со историски длабоки корени решаваат со помош на магично стапче и волшепство.

Чарето е јасно, а тоа е дека без разлика дали Заев ќе добие или нема да добие политичка милостиња за волшебно преживување на политичката сцена во Македонија, претставена како датум за датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ, опозицијата, граѓаните, академската и научната јавност, сите ние треба да излеземе на улица и мирно да побараме да престане оваа агонија на волшепства и игри на митолошките суштества Левијатани и Прокрусти низ Македонија. Реата се чувствува надалеку дур до Париз, а само народот може да ги исчисти овие Авгиеви штали од Македонија кои Заев и друштвото му ги наполнија до максимум.

На денот на Покровот на Пресвета Богородица и на Св.Јован Кукузел

 

P.S.За појаснување во врска со 14-те принципи на Вудроу Вилсон, Американскиот претседател кој ги претстави истите на Париската мировна конференција во 1919 година, главната поента се однесува на правото за самоопределување на секој народ и со тој принцип и правото на државност, а одговорот на Клемансо е во однос на начелно не противење на Франција, но единствено доколку тие народи се способни да создадат самоодржлива меѓународно призната државна заедница и тоа самоодржлива во секој аспект. Споредбата со актуелната состојба во Македонија и последиците од неспособноста на власта ви ја оставам Вам.

 

Напиша: Оливер Андонов