Денес, благодарение на технологијата, сѐ повеќе може да се забележат луѓе кои работат од дома. Ширум светот постојат многу бизниси кои овозможуваат онлајн работење, па така, една личност може да работи за некоја компанија која се наоѓа на другиот крај од светот. Работата од дома нуди многу предности, но постојат неколку работи кои треба да ги имате предвид со цел да имате поуспешна кариера и да останете поздрави. Еве за што станува збор.
1. Создајте си работна атмосфера
Подгответе се да остварувате успех на тој начин што ќе си создадете погодна работна атмосфера, со сите услови, без да имате околу себе нешто што ќе ви го одвлекува вниманието. Создајте си одредена дисциплина и свој распоред кој ќе го почитувате, поставете си ги на дофат алатките кои ви се потребни и оддалечете се од телевизорот. Доколку имате искушенија околу себе, вам ќе ви се намали продуктивноста, ќе ги пропуштите роковите и ќе станувате нервозни затоа што не можете навремено да ги остварите обврските. Исто така намалете ја комуникацијата со членовите на вашето семејство и фокусирајте се на она што го работите.
2. Јадете здрав ручек
Ако сакате да бидете продуктивни и да ја задржите силата во текот на целиот работен ден, тогаш јадењето здрав оброк е од суштинско значење. Многу е важно да јадете добро балансирани оброци, бидејќи скробот и масната храна може да ви дадат моментална енергија, но по одредено време ќе предизвикаат пад на истата. Целта е да ја наполните вашата чинија со свежо овошје и зеленчук и протеини со ниски масти за да ја сочувате енергијата која ќе ве одржува свежи преку целиот ден.
3. Излезете барем 15-тина минути на сонце
Наместо по цел ден да седите пред вашиот компјутер, направете си цел да излегувате надвор на сонце барем 15-тина минути. Надворешноста има бројни здравствени придобивки, а меѓу другото ќе го подобрите и своето расположение, а со тоа што ќе имате барем малку физичка активност, вие ќе си ја подобрите својата концентрација. Искористете го времето и прошетајте во природата – ништо нема да изгубите, од оваа навика можете само да добиете. Ако пак сѐ што ви треба е Интернет конекција, тогаш зошто да не размислите да работите и надвор, кога тоа ви го дозволуваат временските услови?
4. Вежбајте барем 30 минути
Тоа што сте зафатени никогаш не треба да ви биде изговор да не вежбате, бидејќи недостатокот на физичка активност и постојаното седење го намалува нивото на енергија, при што се спречува и вашата продуктивност. Тоа исто така значи и зголемена шанса за развој на хронични болести, дијабетес и болести на срцето, што може значително да влијае на вашата способност за работа во иднина. Затоа, практикувајте барем 30 минути вежбање за да го одржувате целокупното здравје. Освен тоа, ќе согорувате и калории при што ќе ја намалите телесната тежина. Доколку вежбате редовно, вие ќе си обезбедите здрав начин на живот, а и ќе имате подобри резултати од работата.
5. Наградете се себеси за успешно извршената работа
Практикувајте да се наградувате себеси после секоја остварена работна задача. Доколку работите постојано без да го одморите барем малку својот ум, може да ви се намали концентрацијата и процесот на остварување на задачите да го направите подолг. Затоа, наградете се себеси секогаш кога успешно ќе исполните некоја работна обврска, а наградите можете да си ги прилагодите во зависност од тоа колку ви дозволува природата на работата. На пример, може тоа да биде некоја кратка пауза за да ги прочитате најновите вести, или пак нешто подолго како што е излегување и прошетка во природа.