Еден дел од церемонијата за одбележување на Богојавление во португалското село Вале де Салгуеиро, секоја година предизвикува негодување помеѓу странците.
Имено, за време на церемонијата родителите ги потикнуваат своите деца, меѓу кои има и такви од пет години, да пушат цигари.
Локалното население тврди дека тој обичај се практикува со векови како дел од прославата на Богојавление, но никој не знае да објасни што точно симболизира и зошто родителите им купуваат цигари на децата и ги потикнуваат да пушат.
Дводневната церемонија која се завршува со неделна миса вклучува и играње околу логорски оган, музика и избор на „крал“ кој служи голема количина на вино и грицки.
Жозе Рибеириња, писател кој пишувал за церемониите во тоа село вели дека оваа традиција има непознати корени, но дека истата може да има врска со повторното будење на природата и човечкиот живот.
Според неговите зборови, ова село се придржува до многу традиции кои потекнуваат од паганското време и додава дека за тоа допринело и тоа што селото е одалечено 450 километри од Лисабон, со што се зачувала оваа традиција.
Во Португалија е забрането да им се продаваат цигари на лица под 18 години, меѓутоа ништо не ги спречува родителите да го направат тоа, а португалските власти не прават ништо да ја спречат таа пракса.
Како и во многу европски земји, и во оваа земја се преземаат мерки за намалување на пушењето, вклучувајќи делумна забрана за пушење во затворени простории.