сабота, 2. март 2024. Вести денес: 0
home Економија

Над половина милион граѓани живеат со 130 денари дневно, тоа за Заев е доказ дека економијата е жива

Над половина милион граѓани живеат со 130 денари дневно, тоа за Заев е доказ дека економијата е жива

Енормна сиромаштија, над 50-тина илјади граѓани на улица, доцнење на плати, затворени фабрики, реална слика изминативе месеци во Македонија. Но според вчерашната прес конференција на премиерот Зоран Заев економијата во државата е жива и блеска. Премиерот Зоран Заев вчера ги убедуваше граѓаните дека во Македонија нема рецесија.

За премиерот Зоран Заев како да не постоеја податоците на Еуростат од пред месец дена, каде што Македонија беше нотирана како трета најсиромашна земја на европскиот континент. А, тој податок значеше дека на Македонија ќе и требаат децении за да ги достигне економските стандарди на остатокот од ЕУ и има слаб економски потенцијал. Еуростат исто така нотираше дека Македонија има трет најнизок БДП.

Овие податоци Заев ги демантираше и продолжи граѓаните да ги убедува дека македонската економија е стабилна, жива и динамична.

– Владата беше тука за поддршка на граѓаните и здравствено и економски. Вкупните даночни приходи се резултат на 189,9 милијарди денари. Позитивен тренд бележиме и кај придонесите, 102% односно 2% повеќе од планираното. Стоките и услугите се намалени на 85%, односно само 5% помалку од минатата година. Над 11,2 милијарди евра издвоивме за четирите пакети економски мерки. Македонската економија е стабилна, жива и динамична. Ефектите се видливи. По 14,9% пад, го ублаживме падот на 3,2% во рамки на КОВИД кризата. Мерките се вистински. Поддржана е најсиромашната маса во земјава, задржани се работните места. Ова е најсериозен аргумент, дека економската и финансиската политика на Владата дава резултати. Во новата година повторно ќе вложуваме во нашиот народ. Тука сме да им помогнеме на сите, буџетот е балансиран со фокус на здравствениот систем. Имаме одговорно креиран буџет. Со подобар стандард, ја носиме Европа дома, истакна премиерот Зоран Заев.

На оваа прес конференција реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ каде што посочи дека Зоран Заев сее магла.

– Заев без срам говореше како македонската економија е жива и стабилна, а во реалноста државата се наоѓа во рецесија. Заев без срам говореше како ги спасил граѓаните да не изгубат работни места, а во реалноста над 50.000 граѓани се на улица. А, за жал половина милион граѓани денот го поминуваат со 130 денари. Во реалноста преку 49.000 лица плата немаат земено за ноември на 20 декември. Заев без срам говореше како помогнал на над 14.000 фирми, а во реалноста тие се наоѓаат во тешка состојба и се пред колапс. Буџетот за 2021 година е крајно расипнички и неразвоен. Додека Заев на прес конференција се фали дека владата е крајно штедлива и успешно менаџира со народните пари, сепак за плати, стоки и услуги ќе потрошат 568 милиони евра повеќе од што ќе приберат, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ како реакција на прес конференцијата на премиерот Зоран Заев.