Триесет и четиригодишниот С.Г. од село Градашорци, кој управувал „фолксваген пасат“, е загинатото лице во вчерашната кобна сообраќајна несреќа на магистралниот пат Струмица – Радовиш откако се судрил со возач кој превезувал 11 илегални емигранти од Пакистан, гласи верзијата на официјалниот извештај на МВР.
Сообраќајката се случила во 18.45 на делница од Струмица до Василевска крстосница, а превезувачот Е.С. (55) на емигрантите возел „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, која била во сопственост на правно лице, најверојатно на фирма.
Со починатиот бил и сопатникотС.Г.(57), кој минал со тешки повреди, а во сообраќајката учествувало и возило „ауди“, управувано од Д.К. од Скопје, со тројца сопатници, меѓу кои исто така двајца повредени.
Вчера очевидци за медиуми тврдеа дека превезувачот на емигранти возел со голема брзина, бегајќи од полиција, при што најпрвин удрил во автомобилот, во кој бил загинатиот, а педесетина метри потоа излетал од патот и се забил во ѕид. Во извештајот на МВР не се споменува ваква верзија.
Вчера медиуми објавија дека територијалната противпожарна единица на Струмица, во извлекувањето на настраданите користела специјални хидраулични алатки.
Увид на лице место извршија Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Струмица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
фото: faktor.mk