Две кривични пријави се поднесени против едно лице од Кичево и едно од Прилеп поради основано сомнение дека во два одделни случаја сториле кривично дело „разбојништво“.
Кривичните пријави се поднесени против 48-годишниот С.Г. од Кичево и 27-годишната Н.А од Прилеп.
На 20-ти октомври годинава околу 03:30 часот, С.Г. заедно со уште едно непознато лице извршиле разбојништво во куќа на улицата „Борка Талески“ во Прилеп. Тие физички ја нападнале жената која спиела во спалната соба по што С.Г. и се заканил со нож дека ќе ја убие ако не му даде пари и накит. Жената им ги дала златните обетки кои ги носела и им покажала каде има други златни предмети по што крадците одзеле три златни прстени и 20 златници и се стекнале со противправна имотна корист од околу 150.000 денари.
Во вториот случај, на 16-ти овој месец во 06:30 часот, Н.А со уште едно непознато лице извршиле разбојништво врз дистрибутер на Прилепска пиварница. во дворот од неговата куќа на улицата „Љубен Лапе“ во Прилеп. Тој излегувал од неговата куќа, носејќи најлонско ќесе со околу 96.000 денари од прометот, картички и други лични документи. Во близина на гаражата забележал лице со безбол палка во рацете, кое го удрило во главата и телото, а друго лице го удирало одзади по што му ги одзеле парите.
Од страна на судија на претходна постапка од Основен суд во Прилеп, на С.Г му е одредена мерка притвор од 30 дена, а на Н.А. домашен притвор.