Михајло Маневски од ВМРО-ДПМНЕ денеска одржа прес-конференција на која што рече дека Македонија тоне во корупција, а правдата во земјата е селективна.
– Корупцијата цвета, а функционерите од власта се недопирливи за органите на кривичниот прогон. За само осум месеци од доаѓањето на власт на СДСМ и коалицијата со ДУИ, Македонија падна во однос на индексот на корупцијата од 66-то место на 90-то место. Тоа е влошување за цели 24 места, со што Република Македонија се става во друштво со некои африкански држави. Осум месеци власта нема преземено ниту еден случај, ниту еден чекор во борба против корупцијата. Најавата на Зоран Заев дека двајца членови на владата се осомничени за корупција остана само фрлена мамка во јавноста без реална завршница. Повеќе од три месеци нема никаква трага во врска со наводната истрага, а граѓаните се сомневаат во искреноста и вистинитоста на изјавата на Зоран Заев, рече Маневски.
Тој рече дека сомнежите не завршуваат тука и даде дека во екот на преговорите со Грција за името на државата, фирмата на потпретседателот на владата, Кочо Анѓушев, одеднаш стана предмет на интерес на грчкото електростопанство и тоа само неколку дека откако Анѓуѓев за него кажа дека е прифатливо името Нова Македонија, Горна или Северна Македонија.
– Граѓаните на Република Македонија се сериозно загрижени и се прашуваат дали евентуалната разлика помеѓу реалната и продажната цена на фирмата е можеби надомест за туркање интересите на Грција во спорот. И додека се одвиваат големите игри народот пати. 1.000 работници на „Фени“ се оставени на цедило. Еден од најголемите гиганти на македонското стопанство е во стечај, а власта не презема ништо. Корупцијата и сомнителното работење станаа заштитен знак на владата на СДСМ. Кривичната постапка против Зоран Заев за кривичното дело „Поткуп“ на 200.000 евра не одлепува од мртва точка. Повеќе од две години смислено се одложени 19 рочишта, кои надвор од правната логика се одлагаат на по неколку месеци. А, јавноста знае дека за случаевите од СЈО рочиштата се закажуваат и по 2 и 3 пати неделно, рече Маневски.
Тој изјави дека случајот „Цареви Кули“ за противзаконита легализација на угостителски објекти со злоупотреба на положбата изградени после донесувањето на Законот за легализација на дивоизградените објекти не е ни отпочнат, иако во јавноста излегоа бројни докази за сторено кривично дело.
– Тоа ли е владеење на правото, тоа ли е еднаквост на граѓаните пред законот кој треба да важи за други, но не и за Зоран Заев. Тоа ли е борбата против корупцијата? Судирот на интереси и расипништвото на сите нивоа во власта се во огромен пораст, без одговорност стимулирани и поддржувани од власта. Директорка на општата болница во Охрид сопругот го унапреди за три скалила погоре, а најискусниот кардиолог го распореди на најниското работно место. Во Заводот за физикална терапија во Скопје директорката е истовремено и управител на сопствена приватна фирма од иста дејност, рече Маневски.
Според него, широко распространетата корупција и немањето на волја од страна на државните органи за борба против истата ја уназадуваат државата, ја рушат демократијата и го девалвира владеењето на правото.
– Сето тоа ја одвраќа Република Македонија од чекорите кон ЕУ и НАТО и ја зацементира на дното. Во држава во која владее корупцијата, владее тиранијата, а не правото, демократијата и човековите права – во таква држава нема просперитет. Ова ли е враќање на слободата и животот, запраша Маневски.