Според моделот на Договорот за добрососедство со Бугарија, со консензус меѓу двете влади, а потоа ратификација во двете собранија, да се затвори прашањето за името, предлага лидерот на ДУИ Али Ахмети во интервју за „Катимерини“. Тој, вели дека подобро време за договор од сега не постои и објаснува дека владата ќе преговара за да се постигне договор, а не само за да преговара.
Под наслов „Решение сега, без референдум“, неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“ ги пренесува ставовите на претседателот на ДУИ, Али Ахмети во врска со преговорите за името меѓу двете земји.
-Најдобар начин за затворање на ова прашање е моделот на Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија, преку консензус меѓу двете влади, а потоа ратификација во двете собранија, вели Али Ахмети во интервјуто бјаснувајќи дека владата и опозицијата имаат историска одговорност да постигнат решение и да ги одведат граѓаните и земјата во НАТО и ЕУ.
-Ќе учествуваме во преговорите за да постигнеме решение, а не само за да преговараме. Потребно ни е решение, и нас во Скопје и вас во Атина. А подобро време од сега не постои, потенцира Ахмети.
Во однос на предлозите и идеите на Нимиц, вели дека владата заедно со опозицијата ги разгледува и се обидува да има позитивен и конструктивен пристап. Лидерот на ДУИ, објаснува дека терминот „Македонија“ бил дел од предлозите и во 2008 во Букурешт, но и во 2011, во рамките на предлогот „Република Северна Македонија“.
-Терминот Македонија во името на нашата земја не претставува закана за територијалниот интегритет и суверенитет на Грција, вели Ахмети за „Катимерини“ и им порачува на Грците да бидат сигурни дека нашата земја нема никаква територијална или било каква друга претензија од нивната земја, и дека е апсурдно да се претпоставува такво нешто.
Ахмети предупредува дека не решавањето на проблемот може да ги негува старите ставови за нови граници на Балканот.
-Ако овој спор не се реши работите може да бидат многу лоши. Кога работите одат на лошо за нас, тоа секако ќе има последици и за Атина и со тоа може да се негуваат стари амбиции на различни кругови со архаични ставови за поделба, за нови граници на Балканот. Сметам дека ова е многу опасно за сите нас во целост, објаснува лидерот на ДУИ.
Во однос на тоа дали и колку е можен политички консензус во Македонија за прашањето за името, Ахмети упатува критики до претседателот Ѓорѓе Иванов, а за опозицијата објаснува дека поддржува решение на проблемот.
-Господинот Иванов испушти одлична можност за да ја подобри неговата слика кај албанската заедница, оставајќи и негов белег во завршувањето на регулативниот дел на Охридскиот договор. Тој одбра да остане на патот на законитоста заглавена на линиите од партијата. Јас очекувам да нема ист пристап и за толку сериозното и долгогодишно прашање за името, вели претседателот на ДУИ во интервјуто за неделното издание на грчкиот весник „Катимерини“.
Универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа вели: Нема да се создаде национален консензус за спорот за името, за решението ќе биде одговорна политичката елита која го носи, тоа секогаш и во секое општество било така.
-Нема да се создаде таков консензус. Политичката желба околу консензусот е разбирлива, таа секој политичар ја посакува за вакви прашања и се обидува да ја промовира. Решението ќе биде одржливо, такво да не задира во националното достоинство и идентитет и за тоа ќе биде одговорна политичката елита која го носи, тоа така секогаш било, во секое општество донесено за вака клучни прашања. И во таа смисла ќе биде апсорбирано, јас мислам дека по месец-два тоа прашање ќе престане да биде тема воопшто. Ако е вака како што знаеме отприлика, очекуваме дека решението ќе биде околу идентитетот, јазикот и името. И во таа смислам мислам дека ќе биде прескочена, не знам како, не ми е јасно во овој момент, не можам да го досогледам тоа, и фазата со референдумот околу тоа. Мислам дека ќе бидат донесени решенија, тие потпишани во Собрание, ние примени во НАТО во една брза постапка и тоа ќе создаде една сосема нова клима која потоа дури и да се оди на референдум ќе ја обуслови одлуката на референдум со позитивните импакти и со одржливоста на решението, вели Фрчковски.
Сепак тој истакнува дека можно е спорот со името да се реши за неколку месеци, а додава и дека во случај на референдум тој смета дека граѓаните би се изјасниле за промена на името.