четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Царовска потпиша: Повлечен од употреба учебникот по географија за втора година гимназиско образование

Царовска потпиша: Повлечен од употреба учебникот по географија за втора година гимназиско образование

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска го потпишала решението на Комисијата со кое повлечен од употреба е учебникот по георгафија за втора година гимназиско образование.

-Комисијата констатира дека учебникот е преоптоварен со статистички и други податоци и факти кои не одговараат согласно дидактичко-методскиот пристап за возраста на децата. Исто така, во неколку наставни содржини во учебникот се нарушени начелата на неповредливост на културата, историјата и другите вредности на граѓаните на Република Северна Македонија, што е спротивно на Законот за учебници за основно и средно образование.  Учебникот е одобрен по наставна програма од 2002 година, се наведува во соопштението од Министерството.

Оттаму информираат дека во рамки на планот за целосно реформирање на националниот образовен систем, еден од клучните чекори е обезбедувањето на квалитетни учебници и наставни содржини во основното и средното образование.

-Пропустите кои низ години се провлекуваат во повеќе учебници и материјали, со реформите ќе бидат целосно отстранети и системски решени. Новиот закон за дидактички материјали и учебници е веќе објавен на ЕНЕР и со него системски се спречува вакви содржини да се провлекуваат во учебниците, објаснуваат од МОН.

Пред еден месец професорот Благоја Маркоски од Институтот за географија, во име на сите автори, за Канал 5 тврдеше дека учебникот Националната географија за втора година реформирано гимназиско образование е изработен според програма подготвена и одобрена од Бирото за развој на образованието на Македонија уште во 2001 година, со целосно спроведена постапка за изборна учебник.

– Реакциите сметаме дека се нарачани, бидејќи, конкретниот учебник е во употреба од 2002 година. Во меѓувреме во конкретното министерство имаше неколку министри од незаменливите коалициони партнери, па немало проблем. Зарем за овие 19 години никој не ја прочита содржината на конкретниот учебник, па сега се најде некој да исполнува желби? – вели професорот Маркоски.

Тој појаснува дека сè што е во учебникот се потпира на научни вистини и факти.

– Принципот на каузална поврзаност со другите наставни предмети во случајов со историјата и непосредните одредби во програмата за појаснување на миграциите на одделни групации на граѓани низ историските случувања и настани на овие територии, а сето тоа со цел да се појаснат типовите на миграции кои се главен предмет на проучување. Според тоа, авторите професионално стојат зад содржините на учебникот, бидејќи истите се темелат на научно потврдени докази, изјави за Канал 5, професорот Маркоски.

Најнови вести