Одлуката на претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев да направи нов распоред на судии во овој суд ќе запре да се судат илјадници предмети неколку месеци. Проблем ќе имаат и затворите оти ќе постапуваат по стари наредби за спровод на притворени и затворени лица кои ќе треба да ги носат пред новите судии, пишува порталот Досие.
Причина за кочење на работата во судот и затворите е големото прераспоредување на судиите. Цел организиран криминал доби ново поставени судии, како и одделите за прекршоци и малолетници. Исто така и во истражните одделенија се поставени нови судии кои добија и нови римски броеви.
Прекројувањето на одделите и римските броеви ќе влијаат на многу предмети и на судбини на граѓаните од причина што сите постапки ќе треба да почнат од почеток поради новите судски совети. Тоа значи одложување и одолговлекување на судењата што ќе падне на товар на државата и на граѓаните кои плаќаат адвокатски услуги.
Со промена на римските броеви и судниците на судиите , се доведува во прашање и стартот на редовното работење на предметите оти секој предмет поединечно, новиот судија ќе треба да го проучи и да почне да суди од почеток. Тоа се однесува и на предмети до завршни зборови. Со ваквото одолговлекување и одложување на постапките постои опасност некои предмети да застарат и да бидат затворени без пресуда.
Колку последици по граѓаните ќе има последното големо рапределување на предметите ќе има увид Судскиот совет, кој ја контролира ажурноста и квалитетот на судиската работа.
Работата на раководните луѓе во најголемиот суд во Македонија неколку месеци наназад ја истражуваше Комисија од Министерството за правда, а извештајот се уште не е достапен.
Како ќе постапуваат судиите, дали граѓаните на новите рочишта ќе ги чека новоназначениот судија , дали судиите ќе праќаат нови покани со нови термини и број на судница, никој не може да одговори. Истото важи и за затворите кои ќе треба да направат целосно нови распореди за транспорт на притворени и затворени лица до судовите.
Затворите со години имаат проблеми околу транспортот поради недостаток на возила и службеници за спровод . Според новите наредби ќе мора да се изработуваат нови планови за транспорт за да се усогласат со судовите кои судат кривични дела.