Триесет провооделенци од основното училиште „Св. Климент Охридски“ во Охрид од денес нема да одат на училиште, бидејќи родителите ќе ја бојкотираат наставата се дека директорката не ја смени одлуката и не ги врати на своите работни места двете наставнички и дефектологот кој работел и како логопед во училиштето. Откако им истекол договорот за дело на трите просветни работнички, наместо да им го продолжи, директорката решила да го прекине и да распише конкурс и на нивно место да вработи други наставници, дознава Алфа.
Советот на родители и училишниот одбор се спротивставуваат на оваа одлука на директорката.
– Да се повлече одлуката за избор на наставници затоа што истата е спротивна на одлуките на законски пропишаните тела во ова училипште т.е. училишниот одбор и Советот на родители како и нашата воља како родители.Од директорката на ова училиште бараме да се повлече одлуката, изјави Деспина Блажевска.
Родителите прашуваат по кој критериум се избрани новите наставници, потенцирајќи дека токму поради капацитетот на сега отпуштените, ги запишале своите деца во ова училиште. Дополнуваат дека дечињата се привзале за своите наставнички и не ќе можат сред учебна година да се навикнуваат на нови лица.
– Ова е тренд што се случува и на други места, меѓутоа не може да се остане едноставно рамнодушен за нечии други интереси да дојдат до израз на сметка на интерсите на нашите деца, изјавил за Алфа Јованчо Спироски.
Основното училиште „Св. Климент Охридски“ е единственото училиште во Охрид кое имало дефектолог-логопед.
– Сме многу задоволни од досегашниот логопед и дефектолог во школото и мислам дека би било штета да се изгуби таков кадар. Сакаме и понатака да ги користиме нејзините услуги, изјави Науме Блажески, родител.
Од Советот на родители испратиле допис и петиција до градоначалникот и директорката, но до сега не добиле одговор. Кажаа дека за ова ќе го известат просветниот инспекторат и министерството за образование.
За став ја побаравме и директорката на училиштето, но таа не беше тука.