ЕВН Македонија донираше 13 перфузори и инфузиони пумпи за оддделот за интeнзивна нега во градската болница Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Оваа медицинска опрема се користи за правилно и прецизно дозирање на лековите кај пациентите во интензивна нега.
Во современиот начин на лекување ова се неопходни апарати кои ќе придонесат за поуспешно лекување на повеќе пациенти. За набавка на перфузорите ЕВН одвои 10 000 евра.
-Особено сме благодарни на ЕВН што реализира една ваква донација токму во време на актуелната ситуација со корона вирусот кога нашата клиника покрај своите пациенти ги презема и сите пациенти кои треба хируршки да се третираат од другите центри каде што се лекуваат заразените од вирусот. Токму oвие перфузори се потребни за адекватно третирање на пациентите во единицата за интензивно лекување во нашата установа, изјави директорот на клиниката, д-р Љубен Арсенков.
ЕВН во последните шест месеци поддржа повеќе проекти и иницијативи во здравствениот систем во земјава. Освен донацијата во Градската болница, донирани беа и 200 000 евра на Министерството за здравство за справување со корона вирусот. Со донација од 10 000 евра го реализираше приклучокот за електрична енергија за новата мобилна болница, а одвои и 60 000 евра за прочистувачи на воздух и респираторни машини за новороденчиња.