Откако пратеничката на СДСМ, Фросина Ременски посочи дека зад протестите пред нејзината куќа стои Тони Јаревски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош, тој денеска со одговор за обвинувањата.
Неговиот статус на Фејсбук, го пренесуваме во целост:
Бидејќи забележав дека сум посебно интересен за пратеничката еве и од мене неколку конкретни мисли и пораки.
Пратениче од Карпош, не станува збор за никакви црни сценарија кон пратениците од власта. Граѓаните излегуваат на мирни протести да го изразат својот револт и гнев од вашите политики бидејќи немаат друг начин како да го кажат тоа, а истото да биде слушнато. Граѓаните кои протестираат се водени од чиста мисла и се испровоцирани од самоволието на двоецот СДСМ – ДУИ, а пред се од СДСМ, кои за да го зачуваат коалицискиот мир, ги погазија Уставот и законите, не ја слушаа јавноста, Претседателот на државата и експертите.
Претпоставувам дека не ти е пријатно кога јавно се искажува револтот против твоите политики, но верувај на граѓаните им е уште понепријатно кога ти и твоите колеги го газите Уставот и раскрчмувате се што е изградено со генерации.
Точно е дека ти и твојот сопруг сте многу моќни во моментов. Точно дека тој во секое време може да ја искористи функцијата во УБК за да ги заплаши и замолчи граѓаните. Не верувам, но можеби и ќе ви успее тоа во моментов, но на долг рок ќе останете сами против народот.
Залудно се обидувате да ги извртите фактите и да ги заплашите граѓаните. Правото на протест е уставно загарантирано право и никој не смее да го попречува. Не треба да те потсетувам дека вие ги патентиравте протестите пред домовите на функционерите од ВМРО ДПМНЕ, надградени со вандалско однесување и палење на државен имот и фотографии од Претседателот на државата.
Тогаш за вас тоа беше демократија и одраз на волјата на граѓаните.
Излезете малку меѓу народот и ќе го видите незадоволството. Голем дел од тие ваши членови и симпатизери кои тогаш протестираа со вас , сега се гневни и бараат да се стави крај на самоволието на СДСМ и распродавањето на националните интереси. Јас бев и ќе останам ВМРО ДПМНЕ. Ние не бегаме и не се криеме од народот. Ние ќе ги примиме и поддржиме сите што си ја сакаат Македонија без разлика дали се членови на СДСМ или не се политички определени. Да, јас излегов на протести заедно со многу мои пријатели од ВМРО ДПМНЕ, но партијата не го организираше протестот. Протестите ги иницираа многу загрижени граѓани од Карпош, меѓу кои и ваши членови. Патем може да ги праша вашиот сопруг и полициските службеници кои беа вечерта таму.
Еве на овој начин би сакал да им се заблагодарам и на нив за разбирањето и за поддршката што ни ја дадоа.
Се надевам дека вашиот сопруг нема да ја злоупотреби функцијата и да бара сите да бидат казнети затоа што не пукале во граѓаните.
Заедно со Зоран Заев може да го забраните и правото на протест, но тоа не е демократија. Може ќе се охрабрите и ќе забраните и поинакво мислење, а може ќе ви текне да го забраните и народот, но казната ќе ве стигне. Македонија не смее да биде заробена и киднапирана држава.