среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колевски: „Рекет“ фрла дамка врз целата јавнообвинителска функција

Колевски: „Рекет“ фрла дамка врз целата јавнообвинителска функција

Едногласно, со десет гласа „За“, Советот на јавни обвинители го избра Ацо Колевски за свој нов претседател. Тој се избира од редот на членовите на Советот, а Колевски бил единствен кандидат. Новиот претседател доаѓа на чело на институцијата во период на отпочна постапка за разрешување на шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева. Тој не сакаше да коментира дали Советот би назначил в.д шеф на СЈО по разрешувањето на Јанева.

„Сакам да потенцирам дека Советот одлуките ги носи со мнозинство гласови, па доколку ова прашање се постави во работата на Советот јас ќе го изнесам на седница за да го слушнам мислењето на секој од членовите и евентуално заедно да донесеме некоја одлука доколку сметаме дека има потреба. Не би можел да кажам мој став бидејќи би го прејудицирал мислењето или одлуката која би ја донел Советот во однос на тоа прашање“, рече Ацо Колевски – претседател на Совет на јавни обвинители.

Колевски, кој како член на Советот неделава имаше увид во списите за истрагата за случајот „Рекет“, не сакаше да коментира дали има основи истрагата да се прошири.

„Верувам дека колегите преземаат се што е во нивна моќ и во нивна надлежност да го расветлат овој случај кој морам да признаам дека фрла црна дамка врз целата јавнообвинителската функција“, додава Колевски.

Ацо Колевски има долгогодишна обвинителска кариера. Работел во Основното јавно обвинителство, како и во Обвинителството за гонење организиран криминал. Член на Советот на јавни обвинители е од 2018-та.

Најнови вести