понеделник, 4. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ: На прав пат не се излегува со насилство во училиштата во Македонија

Комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ: На прав пат не се излегува со насилство во училиштата во Македонија

Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ објави статус на својот Фејсбук профил во кои пишува дека на прав пат не се излегува со насилство во училиштата во Македонија.

НА ПРАВ ПАТ НЕ СЕ ИЗЛЕГУВА СО НАСИЛСТВО

Насилство, изминативе денови повредени деца во општина Чаир, општина Прилеп, општина Карпош…
Зарем треба Владата, министерствата да дозволат да се случуваат вакви работи? Дали насилството станува секојдневие во нашата држава?
Дали на овој начин безбедноста на децата е врвен приоритет на Владата?
Дали со насилство имаме безбедно општество еднакво за сите?

Уставот на Република Македонија е законскиот столб кој ги гарантира слободите и правата на граѓаните на Република Македонија. Едно од нив е и правото на образование достапно на секого под еднакви услови.
Во Законот за основно образование, се забранува каква било форма на телесно и психичко малтретирање на ученикот.
Законот за средно образование, забранува телесно и психичко малтретирање и предвидува советување на родителите во случај кога ученикот учествува во тепачки, упатува навреди или е вклучен во други форми на насилно однесување.
Но, и покрај законската регулатива имаме повредени деца…

Надлежните институции треба да одговорат во најкраток можен рок. Потребно е да се преземат веднаш соодветни мерки за да не се повтори. Општеството треба активно да се заложи за редуцирање на било какви форми на насилно однесување и да промовира здрави животни стилови.
И во 2019 година насилното однесување за жал се повеќе го има… Скоро немилите настани каде има повредени деца и во Чаир, Прилеп и Карпош го покажуваат тоа. Според годишниот извештај на Министерството за внатрешни работи за 2018 година насилното однесување меѓу учениците бележи пораст за 25,3% и регистрирани се вкупно 104 случаи од кои 54 случаи во основни училишта, 50 случаи во средни училишта. Од ваквото насилничко однесување повредени биле 108 ученици и еден наставник, од кои на седум им се нанесени тешки телесни повреди кои се однесуваат на нанесени убодни рани со нож.

Статистичките податоци покажуваат дека во 2018 година има 554 пријавени деца во судир со законот според групите на кривичните дела и видот на одлуката. Од нив 60 деца, сториле кривични дела против животот и телото. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на пријавените полнолетни лица – познати сторители во 2018 година е зголемен за 9.5 % во споредба со 2017 година

Безбедноста на децата треба да е врвен приоритет на Владата. Станува збор за деца, тинејџери… Тие се наоѓаат во фаза од нивниот живот кога најмногу им е потребна поддршка. Неопходно е вклучување на сите надлежни институции. Но, зошто да се дозволи настаните да ескалираат со насилство?
Предизвикан стрес, вознемиреност, страв… Прашањето е отворено! Воспоставувањето и одржувањето на безбедноста е „sine qua non“ на делувањето на одговорните општествени носители, како и потребата од преземање на соодветни мерки за превенција и санкционирање на несаканите појави. Градењето на култура на соживот односно „заедничкото живеење“ подразбира меѓусебна комуникација, почитување, соработка и готовност на сите клучни субјекти во сите сфери од општеството.
Несомнено е дека, опишувањето на младата личност како „насилник“ или како „жртва“ во циклусот на девијантност и застрашување, особено влијае врз развојот на личноста. Последиците кај повредените ученици се секогаш различни – тие може да бидат депресивни, осамени или анксиозни и со низок степен на самопочит од нивните врсници. Децата кои учествуваат во малтретирање, насилство кон други деца често делуваат агресивно поради сопствените фрустрации, понижувања, бес или како резултат на изложеност на потсмев од социјалната средина.

Според Светската здравствена организација „насилство е секоја намерна употреба на физичка или психичка сила/моќ. Насилството може да биде во форма на закана или пак да вклучува употреба на сила, насочена кон себе си, кон друго лице или пак, кон друга група/заедница. Завршува (или може да заврши) со физичка повреда, со смрт, со психичка штета, со нарушувања во развојот или со загуба“.

Евидентно е дека, потребно е покренување на иницијатива за подигнување на свеста на сите вклучени директни и индиректни субјекти. Неопходно е секогаш утврдување на причините и преземање на одговорност.

Голем број истражувања посочуваат дека учениците кои биле жртва на насилство, малтретирање ги чувствуваат последиците, кои пред сè се одразуваат и влијаат на сите аспекти од нивниот развој: психолошкиот, социо-емоционалниот, како и на нивното делување со големи шанси за практикување на ризични однесувања.

Насилството не смее да остане непрепознаено и да помине без интервенција. Интервенцијата подразбира примена на различни механизми и постапки со цел прекинување на насилството, ненасилно разрешување на конфликтната ситуација, прифаќање на личната одговорност и давање можност за промена и подобрување на однесувањето.

Потребата од активирање на сите засегнати страни е суштествена! Локалната самоуправа, во чиј состав треба да функционираат локални совети за превенција на малолетничко насилство, би била од особено значење во непосредноста кон препознавањето и санирањето на ваквите случувања. Институциите се обврзани да ги преземат сите законодавни, административни, социјални и воспитно – образовни мерки за заштита на децата од сите облици на физичко или ментално насилство, повреди, злоупотреби или било какво занемарување.

Црвениот семафор е вклучен!
Да не дозволиме повторување на немили настани, кои можат да бидат кобни за сите…
Зошто тоа се нечии деца, наши деца, Ваши деца!

Најнови вести