вторник, 28. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Мемети: Далеку сме од општество со еднакви можности за сите

Мемети: Далеку сме од општество со еднакви можности за сите

Сѐ уште се присутни селективната правда и партизираната јавна администрација на централно и локално ниво. Ова е сериозна пречка во остварувањето на правата на граѓаните, лошиот систем на извршување особено го погодува најсиромашниот слој граѓани. Социјалната заштита останува систем со кој не се надминува социјалниот ризик на граѓаните, рече народниот правобранител, Иџет Мемети, презентирајќи го годишниот извештај за степенот на почитување, унапредување и заштита на човековите права и слободи.

Според него, голем проблем е и појавата на дискриминација по сите основи, неефикасното судство и обвинителство кои поттикнуваат недоверба кај граѓаните. Минатата година Народниот правобранител почнал 4.185 претставки од кои во 1137 случаи се констатирани повреди на човековите права и слободи. Од овие 1137 случаи, прифатени се 970 интервенции на омбудсманот.

-Правната регулатива за јавната администрација, како и партизираната и непрофесионална структура создаваат сериозни проблеми на граѓаните. Утврдени се одредби кои не се применливи и услови кои ни оддалеку не гарантираат стручна, квалитетна и неполитизирана администрација, вели Мемети.

Тој смета дека партиските вработувања во администрацијата на локално ниво и натаму се присутни и особено се видливи во непродолжувањето на договорите на определено работно време во образовниот процес.

-Ваквата појава особено е карактеристична по изборниот процес, што наведува на заклучок за наградување на партиски лојалните и класична злоупотреба на трудот на претходно ангажираните лица, рече Мемети.

Во контекст на ова тој го повика министерот за информатичко општество итно да пристапи кон порадикални промени во овој систем со што ќе обезбеди стручна и ефикасна администрација ослободена од партиски влијанија.

Најнови вести