Работата не треба биде пречка за доењето. Вработената мајка кога ќе се врати на работа да продолжи да си го дои своето дете и да се подигне свеста кај работодавачите, под ова мото се спроведе годинешната кампања по повод неделата на доењето.
Началничката на Одделот за неонатологија при Клиничка болница – Штип, Валентина Златковска нагласува дека мајката има право на платени паузи за доење, па потребно е истите да се користат со цел мајката да не прекине предвремено да го дои своето бебе.
Валентина Златковска
-Оваа година тоа е вработената мајка и вработените родители и доењето. Не треба да биде пречка работата за доењето. Не треба мајките да изберат работа, а да не доат. Тоа се постигнува со основните мајчински права, платеното породилно отсуство, ама и кога ќе се вратат на работа треба работното место да биде прилагодено, да има пријателско опкружување, да има паузи за доење или измолзување на млеко и посебни објекти соби кадешто тоа ќе се спроведе, вели Златковска.
Златковска истакнува дека македонското законодавство предвидува платено породилно отсуство, предвидени се паузи за време на работа за да може да се дои детето, но проблем е тоа што ретко овие права се искористени. Апелира до работодавачите да го спроведуваат законско предвиденото, а мајките да си ги бараат своите права.
Оддел за неонатологија при Клиничка болница – Штип
-Имаме породилно отсуство, кое е добро за разлика од други земји каде тоа е многу полошо и имаме платени паузи во законодавството, меѓутоа не се почитува доволно. Вниманието треба да биде свртено кон тоа овие паузи да бидат спроведувани и мајките да си ги бараат тие права, додава Златковска.
Според податоците, половина милијарда мајки на светско ниво се лишени од можноста да ги уживаат своите мајчински права кои ги заслужуваат.