Со положување цвеќе на споменикот на Ѓорче Петров во реонскиот парк и со свечена седница на Советот, Општина Ѓорче Петров денеска го одбележа 20 септември – Денот на општината.
Бројни делегации присуствуваа на настанот во чии рамки се одржа и свечената седница на Советот на која беа доделени годишна награда, признанија и благодарници за особен придонес. Годишната награда на Општина Ѓорче Петров ја понесе Горјан Славески – Гого, освојувач на светска титула во бокс без ракавици (BKFC – Bare Knuckle Fighting Championship).
Општина Ѓорче Петров низ годините, рече градоначалникот Александар Стојкоски во своето обраќање, особено во последниот период, дефинитивно стана синоним за развој.
-Западната порта на градот, нашата гордост, денеска е една успешна приказна која оддамна го напушти стереотипот за помалку развиена општина или општина со поинаков менталитет. Напротив, моите ѓорчепетровци се братски народ кој се уште го негува малскиот и комшиски живот, си помага и се почитува – истакна Стојкоски.
Општината, додаде, бележи и раст на проекти кои првенствено имаат за цел инфраструктурно да ја подобрат состојбата.
-Решаваме децениски проблеми со лоша инфраструктура, остваруваме капитални чекори, изградивме нова фекална и атмосферска мрежа, ги подобруваме условите во училиштата, градиме патна инфраструктура, помагаме на родители на новороденчиња и првачиња, финансиски стимулираме спортисти и спортски клубови… Се обидуваме да бидеме подобри во секој поглед и ова е само дел од она со кое секојдневно се носиме. Лично на мене, но и на мојата администрација ни претставува задоволство да работиме за целосно остварување на нашата парола – „модерно, хумано и урбано Ѓорче“ – нагласи градоначалникот.
На настанот се обрати и претседателот на Советот на Општина Ѓорче Петров, Ленче Нелоска која потенцраше дека од почетокот на мандатите, советниците се раководат исклучиво од јавниот интерес.
-Особено сум горда затоа што без разлика на партиската припадност, единството е нашата одлика секогаш кога станува збор за интересот на граѓанинот и убедена сум дека така и ќе остане. На седниците на Советот, донесовме одлуки што значително го подобрија секојдневието во Ѓорче Петров – информираше Нелоска.
Општина Ѓорче Петров ќе го одбележи овој ден со богата програма за сите генерации која ќе трае до сабота. За вечерва, најавен е голем концерт на македонски музички имиња во реонскиот парк, а на кој ќе му претходи свеченото отворање на новата општинска зграда.